Минатиов викенд на популарната плажа во Сент Килда се појавија драматични снимки од приведување на човек по расправија со четворица полицајци. Ова беше директна последица што тој не носеше маска, а беа забележани уште многу други кои исто така не носеа маска.
За време на попладневните часови мнозинството луѓе изгледаше дека се придржуваат на правилата и престојуваа во обележаните кругови за социјално растојание на тревата и носеа маски. Но хаос избувна приквечер кога плажата доби фестивалска атмосфера, слушаа музика и танцуваа а многумина од нив беа без маски. Полициските патроли не можеа да ги спречат луѓето да се собираат во областа, бидејќи постојано доаѓаа огромен број млади желни да се дружат.
Според ограничувањата што се на сила, на луѓето им е дозволено да бидат надвор најмногу два часа во денот, во групи од најмногу пет лица ама од две домаќинства.
На својата дневна прес-конференција, премиерот го опиша нивното однесување како „неприфатливо”, велејќи дека со ова може да се попречат плановите за ублажување на ограничувањата во Мелбурн. Тој најави дека полициските патроли ќе бидат засилени, за да се осигури дека се следат сите ограничувања со зголемувањето на температурата.
Притоа предупреди дека плажите во Мелбурн можат да бидат целосно затворени доколку прекршителите на правилата продолжат да се собираат во групи и да се однесуваат неодговорно.
Главниот државен службеник за здравство, професорот Брет Сатон, апелираше за разум и стрпливост во заедницата.
Им се обрати на стотиците луѓе што се забавуваа на плажата во Сент Килда “да не ризикуваат сè”, бидејќи зголемените температури како магнет собраа групи низ градот, од кои некои не носеа маски.
– Не ризикувајте сè. Ако сега издржиме ќе значи навистина нормално лето за сите. Ве молам придрувајте се до правилата, рече Сатон.
Во Викторија има 251 активен случај, од кои 40 се здравствени работници, а 111 во старските домови.
Доколку случаите со коронавирус продолжат со надолниот тренд, Мелбурн се очекува на 19 октомври да влезе во третата фаза за намалување на рестрикциите за COVID-19, што е една недела порано од првично предвиденото.
