ОДБЕЛЕЖАНИ 12 ГОДИНИ ОД ПАДОТ НА ВЛАДИНИОТ “КИНГЕР” ВО ХЕРЦЕГОВИНА
Нема нови околности кои би довеле до донесување на поинаква одлука, соопшти Обвинителството на 12-годишнината од загинувањето на поранешниот претседател Борис Трајковски, осумчлената делегација и екипажот.
На 26 февруари се навршија 12 години од смртта на поранешниот македонски претседател Борис Трајковски, кој заедно со осумчлената делегација трагично загина во авионската несреќа кај селото Ротимље, близу Мостар, БиХ. Помина една година од доставувањето на најновиот извештај на Меѓународната комисија, предводена од босанскиот експерт Омер Кулиќ, која наново ги испитуваше околностите под кои се случила несреќата, а ставот на македонското Обвинителство останува непроменет – нема нови околности кои би довеле до нова истрага и за промена на досегашната верзија. А таа вели дека причина за несреќата се „процедурални грешки на пилотите во фазата на слетување на мостарскиот аеродром”.
„Од споредбата на ланскиот со претходниот извештај и докази не произлегуваат нови околности кои би довеле до донесување на поинаква одлука од претходно донесената Резолуција”, се вели во соопштението од Обвинителството. Во исто време, од Обвинителството потенцираат дека резолуцијата не е конечна одлука. Тоа значи дека Јавното обвинителство нема правна пречка и натаму да ги испитува сите околности на настанот. Но, единствен надлежен за евентуално повторно покренување на истрагата останува босанското Обвинителство бидејќи несреќата се случи на нивна територија.
Со ова, се чини, се стави крај на долгогодишните очекувања на македонската јавност, а посебно на семејствата на загинатите да се дознае целата вистина за овој трагичен настан, кој повеќе од една деценија беше обвиен со многу мистерии и контроверзии.
За причините за падот на авионот со кој патуваше претседателот Трајковски се извршени две истраги и беа објавени два извештаја. Последниот извештај е многу подетален и вели дека една директна причина, седум пилотски грешки и четири внатрешни системски грешки го предизвикале падот на авионот, додека, пак, сложените временски услови и концентрацијата на облаци биле индиректната причина. На 4 декември 2014 година Омер Кулиќ, шефот на меѓународниот тим што изврши повторна истрага по барање на македонската Влада (првата беше во 2004 година) за авионската несреќа во која загина претседателот Борис Трајковски, му го предаде нацрт-извештајот на претседателот на Комисијата за воздухопловни несреќи и сериозни инциденти и овластен претставник на РМ, Сотир Костов. Потоа извештајот беше предаден на Јавното обвинителство на Република Македонија.
Покрај несомнените седум пилотски грешки, кои биле директна причина за падот на „кингерот”, во извештајот беа констатирани и низа други протести, кои индиректно влијаеле на несреќата. Беше нотирано дека „имало килава процедура, навигациски средства со фабричка мана, хаос во владината служба што го организирала летот, како и очигледен хаос над небото на Босна”.
Посадата на авионот го направила приодот за слетување во исклучително неповолни метеоролошки услови, по процедура за непрецизен инструментален приод, а по губење на сигналот од контролата на летање во најчувствителниот сегмент од приодот. Управата за цивилно-воздухопловна пловидба не спровела потполн и квалитетен надзор над работата на Секторот за авионски превоз при владината Служба за општи и заеднички работи, каде што имало многу сериозни пропусти во организацијата, обуката и вработувањето на пилоти.
Исто така, Дирекцијата за цивилно воздухопловство на БиХ неовластено ја објавила процедурата за слетување, без претходно да биде дизајнирана во услови на немање радар. СФОР не презел никакви мерки да ја стави надвор од процедура постојната процедура, која е повлечена два месеца по несреќата. Големи дилеми отвори и тоа што повеќе од 24 часа се криеше местото на уривањето на авионот. Дури три недели по падот на авионот во кој загина македонскиот претседател Борис Трајковски биле земени примероци од местото на несреќата.
Во рамките на одбележувањето на 12-годишнината од смртта на претседателот Трајковски, во алејата на великаните на Градските гробишта во Бутел, членови од семејството на претседателот (сопругата Вилма и двете деца), повеќе делегации и граѓани положија цвеќе на неговиот гроб. Цвеќе беше положено и на спомен-обележјето во Ротимље во Босна и Херцеговина. Исто така, годишнината од смртта на претседателот Трајковски се одбележа и пред платото на Спортскиот центар „Борис Трајковски” во Скопје.
А приказните за наводниот атентат и натаму продолжуваат да живеат. Цоне Крстевски, брат на дипломатот Миле Крстевски кој загина во падот на “кингерот” и натаму смета дека не станува збор за авионска несреќа, туку за атентат врз претседателот Борис Трајковски. Крстевски пред новинарите на гробиштата во Бутел по повеќегодишен молк реши јавно да зборува и да праша што навистина се случило во Ротимље и со “кингерот”, при што покрај претседателот Трајковски загинаа и 8-мина членови на државната делегација и на екипажот. „Се е во магла. Јас двапати сум бил таму, сум разговарал со жители на селото и се уште не е расветлена трагедијата. Тврдам дека се работи за атентат”, вели Цоне Крстевски.
Борис Трајковски за претседател беше инаугуриран на 15 декември 1999 година, наследувајќи го Киро Глигоров. Како претседател беше посветен на демократски идеали и на евроатланската ориентација на земјата, а значаен е неговиот придонес во надминување на воената криза од 2001 година.