Портпаролот на Белата куќа Шон Спајсер го коментираше непријатниот инцидент што се случи меѓу претседателот на САД Доналд Трамп и премиерот на Црна Гора Душко Марковиќ на самитот на НАТО во Брисел.
При обиколката на зградата на новото седиште на НАТО, Трамп нагло го оттурна Марковиќ, кој стоеше пред него. Снимката од инцидентот брзо се прошири по интернет.
„Не сум ја видел таа снимка”, кажа Спајсер за американските медиуми.
Сепак, портпаролот на претседателот истакна дека местото на лидерите на земјите членки на НАТО за фотографирање се однапред утврдени и истакна дека Трамп само го следел протоколот.
Црногорскиот премиер, пак, истакна дека не обрнал внимание на случката.
„Само ги видов реакциите на социјалните мрежи. Тоа е само невина ситуација”, им кажа Марковиќ на новинарите.
Црногорскиот премиер кажа дека „нормално, претседателот на Соединетите Американски Држави стои во првиот ред”.
Вчера шефовите на државите и владите на земјите членки на НАТО се сретнаа во Брисел на краток самит посветен на американските барања и донесоа одлука за приклучување на Алијансата во коалицијата за борба против Исламска држава, проширување на поддршката на коалицијата и формирање антитерористичка единица, како и изработка на национални планови за зголемување на трошоците на одбраната.