Њујорк тајмс откри дека Трамп има банкарска сметка во Кина

Американскиот претседател Доналд Трамп има банкарска сметка во Кина, објави Њујорк тајмс.
Сметката е под контрола на Трамповата компанија Интернешнал хотелс менаџмент, која плаќала локални даноци меѓу 2013 и 2015. Според изјавата на портпаролот на Трамп, компанијата е основана за да го „истражи потенцијалот за хотели во Азија”.

Самиот Трамп ги критикуваше американските компании кои работат во Кина и почна трговска војна со таа земја, пишува Би-би-си.
Њујорк тајмс ја откри кинеската банкарска сметка на Доналд Трамп откако ги добиле на увид даночните пријави на американскиот претседател, кои содржат приватни и професионални финансиски детали.
Њујоршкиот весник неодамна објави дека милијардерот Трамп во 2016 и 2017 година платил 750 долари данок на доход. Што се однесува до кинеската сметка, од неа се платени 188.561 американски долар локални даноци.
Трамп е инаку во кампањата многу критичен кон својот противкандидат Џо Бајден и неговите политики кон Кина. Трамповата администрација изнесе низа непоткрепени тврдења за бизниси на синот на Бајден, Хантер, во Кина. Даночната пријава на Џо Бајден и објавените финансиски податоци не покажаа никакви бизниси во Кина.
Алан Гартен, адвокатот на Трамп организејшн (група од 500 компании што се во исклучива или мнозинска сопственост на Доналд Трамп), ја опиша приказната на Њујорк тајмс за кинеската банкарска сметка како „обична шпекулација”, додавајќи дека изнесува „неточни претпоставки”.
Гартен кажа дека компанијата Трамп интернешнал хотелс менаџмент „отворила сметка во кинеска банка, при што канцелариите се во САД, за да плаќа локални даноци”.
„Никакви бизниси, трансакции или какви било други активности никогаш не се реализирани, а компанијата е неактивна од 2015 година. Иако сметката остана отворена, никогаш не е користена за никакви цели”, истакна Гартен.

Останати вести