Трамп нема карактер, вредност и искуство за да биде претседател

ПЕДЕСЕТ РЕПУБЛИКАНСКИ ЕКСПЕРТИ МУ СЕ СПРОТИВСТАВИJА НА МИЛИJАРДЕРОТ
Отворено писмо потпишано од 50 републикански експерти за национална безбедност предупредија дека кандидатот за претседател Доналд Трамп би бил најнеразумниот претседател во американската историја.

Писмото го потпишаа истакнати членови на Републиканската партија кои биле на истакнати позиции во тајните служби и во американската администрација, меѓу кои се бившиот директор на ЦИА и на Агенцијата за национална безбедност, Мајкл Хејден, бившиот заменик-државен секретар и бивш директор на Националната разузнавачка служба, Џон Неграпонте, експретседателот на Светската банка и бивш заменик-државен секретар, Роберт Зелик, бившиот министер за национална безбедност, Мајкл Чертоф, Ерика Еделман, советник на Дик Чејни и на Роберт Гејтс (додека беа на функцијата потпретседател на САД, односно министер за одбрана), Роберт Блеквил и Џејмс Џефри, политичкиот стратег во администрацијата на Џорџ В. Буш.
Групата, од која дел е и поранешниот директор на ЦИА, Мајкл Хајден, порача дека Трамп нема карактер, вредности и искуство за да биде претседател. Голем дел од потписниците во март не сакаа да се потпишат на слично писмо. Kако одговор на писмото Трамп рече дека тие се дел од неуспешната елита од Вашингтон кои сакаат да ја задржат власта, пренесува Би-би-си. Отвореното писмо следува откако поголем број видни републиканци истапија и се откажаа од тајкунот.
– На Трамп му недостигаат карактерни особини, вредност и искуство за да биде претседател. Тој го ослабува моралниот авторитет на САД во водството на слободниот свет. Му недостигаат темелно познавање и верување во американскиот устав, американските закони и институции, вклучително и религиозна толеранција, слобода на печатот и независно правосудство. Никој од нас нема да гласа за Доналд Трамп – стои во писмото, во кое се наведува и дека Трамп не покажал ниту желба да се едуцира.
Во него се наведува и дека Трамп нема самоконтрола, дека не може да толерира критики и дека тоа се опасни карактеристики за лице со аспирации да биде претседател и да командува со американскиот нуклеарен арсенал. Писмото е со слична содржина како она од март, но дополнителните потписи доаѓаат откако Трамп ја охрабри Русија да го хакира имејл-серверот на Kлинтон, наведува „Њујорк тајмс”. Трамп подоцна рече дека бил саркастичен за тоа. Писмото не го потпишаа поранешните државни секретари Хенри Kисинџер, Kолин Пауел и Kондолиза Рајс.
– Некои од потписниците на писмото планираат да гласаат за Хилари, а други не сакаат, но сите се согласуваат дека Трамп не е квалификуван и дека би бил опасен – истакнува Џон Белингер, поранешен правен советник на Рајс.
Сенаторката од редовите на Републиканската партија, Сузан Kолинс, е една од најистакнатите американски политичари која јавно изјави дека нема да гласа за Трамп.
– Ова не е одлука што ја донесов лесно затоа што цел живот сум републиканец. Но, Трамп не ги одржува историските републикански вредности, ниту инклузивниот пристап на владеење, кој е од клучна вредност за укинување на поделбата во нашата земја – напиша Kолинс во текст за „Вашингтон пост”.
Kолинс, која го отслужува четвртиот мандат во Сенатот, а го предводеше и Kомитетот на Сенатот за внатрешна безбедност, наведе дека кога Трамп би станал претседател, тоа би го направило светот уште поопасен. Вади Гаитан, портпарол на Републиканската партија од Флорида, пак, најави и дека ќе ја напушти партијата поради кандидатурата на Трамп.

ТРАМП: Тие се обична, пропадната вашингтонска елита

Трамп во соопштение истакна дека потписниците на писмото се оние што Американците треба да ги бараат за да добијат одговори зошто светот е доведен во хаос.
– Им благодарам што истапија за секој во земјата да знае кој е виновен што светот е толку опасно место. Тие се обична, пропадната, вашингтонска елита која сака да ја задржи моќта и време е да одговараат за своите постапки – рече Трамп и ги обвини потписниците дека дозволиле во Бенгази да гинат Американци и го дозволиле подемот на ИД.

Останати вести