Американскиот претседател Доналд Трамп ги предупреди властите на Чикаго дека ќе испрати федерални сили доколку не успеат да го намалат нивото на криминал во градот.
Најголемиот град на државата Илиноис веќе со години важи за „воена зона”, а во јавноста наместо неговото име често се користи погрдното име Чирак (Chiraq), со што се алудира дека во тој град има убиства и оружени пресметки како во Ирак.
„Ако градот Чикаго не успее да го сопре страшниот колеж што се случува, во 2017 година имаше 228 пукања со 42 загинати што е зголемување од 24 отсто во однос на минатата година, ќе ги испратам таму федералците”, напиша Трамп на Твитер.
Сепак, тој не наведе што точно ќе направи, дали ќе спроведе федерализација на локалната полиција, ќе испрати единици на ФБИ или некоја друга федерална агенција.
Чикаго трибјун во понеделникот ја објави фрапантната информација дека најмалку 228 луѓе биле застрелани во Чикаго од почетокот на годината, со најмалку 42 смртни исходи. Портпаролот на полицијата во Чикаго Френк Џанкамили ги демантираше информациите, тврдејќи дека во јануари имало 182 случаи на пукање, идентично како минатата година.
Трибјун, меѓутоа, во одговорот напиша дека во јануари имало околу 50 убиства, најмногу во текот на еден месец во последните 16 години.
Со популација од околу 2,7 милиони жители, во Чикаго има повеќе убиства од кој било друг американски град.
Минатата година беа убиени 762 лица, најмногу од 1996 година, а проблем е и тоа што многу мал број случаи се решени, најмалку во цела Америка.
Претходно Трамп истакна дека во минатата година имало 4.331 жртва на престрелки, со 762 убиства, како и дека лидерите на Чикаго мора да побараат федерална помош, доколку не се во состојба сами да ги решат проблемите во градот.