Доналд Трамп му се закани на севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун дека ќе ја доживее судбината на Муамер Гадафи, доколку не постигнат договор за севернокорејската нуклеарна програма.
Американскиот претседател се закани откако му беше поставено прашање за сугестијата на советникот за национална безбедност Џон Болтон, дека либискиот модел е основа за начинот на односување со Северна Кореја.
Моделот на кој што мислеше Болтон е договорот со Гадафи од декември 2003 година да го предаде своето нуклеарно вооружување, според кое што требаше ураниомот да биде испратен во САД.
Меѓутоа, Трамп сепак не бил запознат со тој договор и либискиот модел го интерпретираше како интервенцијата на НАТО, со која се даде поддршка на бунтовниците против Гадафи, што доведе до убиството на либискиот лидер.
– Доколку го погледме моделот со Гадафи, тоа беше тотално десеткување. Влеговме таму за да го победиме. Тој модел најверојатно ќе се случи и сега доколку не се договориме. Но, доколку се договориме, мислам дека Ким Џонг-ун ќе биде многу, многу среќен, рече Трамп.
Тој додаде дека Ким ќе биде задоволен доколку се постигне договор, бидејќи тоа ќе значи оти Ким и понатаму ќе ја води државата и дека таа ќе биде, како што кажа Трамп, многу богата.
На прашањето дали неговите коментари значат дека тој не се согласува со неговиот советник за национална безбедност, Трамп изјави дека кога Болтон ја давал таа изјава, говорел за случајот доколку има проблем, бидејќи САД нема да дозволат Северна Кореја да има нуклеарки.