Трамп замрзна дел од регулативите донесени од Обама

Една од првите одлуки што ги донесе американскиот претседател Доналд Трамп откако стапи на функцијата е да замрзне голем број од новите регулативи што ги донесе неговиот претходник Барак Обама.

Замрзнувањето се однесува на дел од прописите кои имаат цел намалување на климатските промени, спречување на криминалот на Вол Стрит, предлогот за помала федерална хипотека за осигурување и таканаречената Обамакеар програма, односно обезбедување на здравствено осигурување за милиони Американци.
Во Меморандумот од шефот на Кабинетот во Белата куќа, Реинс Прибиус, се наведува дека федерални агенции не треба да постапуваат по новите регулативи и оти регулативите што ќе бидат завршени не смеат да бидат објавувани во Федералниот регистар се додека човек назначен од Трамп не ги прегледа. Во Меморандумот се наведува и дека одредени исклучоци може да бидат одобрени, заради непречено функционирање. Меморандумот е сличен на оној кој го издаде шефот на Кабинетот во Белата куќа кога Обама стапи на функција во 2009 година.
Американскиот Сенат ги одобри предлозите на Трамп за шефови на Пентагон и на Агенцијата за внатрешна безбедност, со што тие официјално се назначени за првите нови членови на Кабинетот на Трамп. Секретар за одбрана, односно шеф на Пентагон е пензионираниот морнарички генерал Џејмс Матис, а секретар за внатрешна безбедност е морнаричкиот генерал Џон Кели.
Властите во Вашингтон соопштија дека уапсиле најмалку 217 луѓе за насилство за време на протестите против инагурацијата на Доналд Трамп. Уапсените се обвинети за вандализам и насилство врз полициски службеници. Шестмина полицајци се здобиле со полесни повреди за време на судирите, соопшти градоначалникот на Вашингтон.

Останати вести