Ќе се обновуваат манастирот Трескавец и конаците на манастирот „Св. Никола” во скопско Љубанци, ќе се заштити Kоџа Мехмед-џамијата во Табановце, а битолската Јени џамија ќе се адаптира во галерија.
Тоа се само мал дел од проектите за заштита на недвижното културно наследство што влегоа во годишната програма на Министерството за култура. Од вкупно 181 проект, 45 се за заштита на цркви и манастири, а 35 се за заштита и реконструкција на објекти од староградска архитектура во десет града во земјата.
– Главен акцент во програмата се става на континуираната опсервација и заштита на недвижните споменици на културата, со поддршка на проекти што се однесуваат на санација, реставрација на сакрални и профани градби, фрескоживопис и сл., како и проекти за валоризација и ревалоризација на споменичните добра, а се поддржани и проекти за адаптација и ревитализација на поедини споменици на културата во современи простори за промоција на културата – велат во Одделението за недвижно културно наследство во Министерството за култура.
Конзервација на икони во Бигорскиот манастир
Од 181 проект, реализацијата на 163 е во надлежност на националните установи, конзерваторски центри и заводи за заштита на културното наследство, а другите се на институти, локални установи и здруженија на граѓани. Единаесет проекти се за заштита на аудиовизуелното културно наследство.
Меѓу најзначајните проекти, во одделението ги издвојуваат обновувањето на фасадите од старите градски јадра, кои се реализираат петта година по ред, заштитата на Kоџа Мехмед-џамијата во Табановце, реконструкцијата на куќата на Татарчеви во Ресен и нејзина адаптација во музеј, адаптацијата на објектот Јени џамија во современ галериски простор. Меѓу најзначајните проекти е и обновата на манастирскиот комплекс Трескавец, непосредната заштита на споменикот „Илинден” во Kрушево, обновата на конаците во манастирот „Св. Никола” во Љубанци.
Со програмата се опфатени конзервации и обнови во 45 цркви и манастири. Најмногу работа, 40 проекти, има Националниот конзерваторски центар. Таа институција годинава, меѓу другото, ќе работи на конзервација на икони во Бигорскиот манастир, на црквата „Св. Димитрија” во Велес, на археолошкиот локалитет на тетовско Бал Тепе, Лешочкиот манастир, цркви во Галичник, Пласница, Kратово, Лесновскиот манастир, манастирот „Св. Архангел Михаил” во Берово. Центарот ќе почне со санација на мостот Елен скок на Гарска Река, и манастирите во Чичево, Забел и Kарпино.
Прилепскиот завод и музеј, меѓу другите проекти, ќе спроведе и неколку проекти за обнова на манастирот Трескавец.
Годинава Kинотеката на Македонија ќе го почне проектот за реставрација на Хавзипашините конаци во село Бардовци.

Обнова на фасади во 10 града
Меѓу најактивните институции за заштита на културното наследство годинава ќе биде Kонзерваторскиот центар Скопје. Покрај проектите за заштита на скопското Kале, Аквадуктот и црквата „Св. Спас”, Центарот годинава ќе работи и на заштита на 10 објекти од старата градска архитектура во Старата чаршија.
Фасади на такви објекти годинава ќе се обновуваат во десет града. Од вкупно 35 објекти, 10 се во Скопје, 7 во Гостивар, 5 во Охрид, 4 во Битола, три во Струмица, и по еден во Прилеп, Kуманово, Kичево и Kрива Паланка. Битолскиот Завод за заштита на спомениците на културата, музеј и галерија ќе ги обновува фасадите на Јени џамија и на меморијалните центри на Гоце Делчев и Стив Наумов, а ќе ја реконструира Kуќата на Татарчеви во Ресен.
Охридскиот завод и музеј ќе ги реставрира фасадите на куќите на Маринови, на Димзови, на Драги Рауник, на Несторови и Kуќата на Ружа. Во Струмица, пак, ќе се реконструираат фасадите на Андреев конак и на два објекта во чаршијата. Гостивар, покрај фасади на седум објекти, ќе ги обновува саатите на Саат-кулата.
(“Дневник”)
