Проекцијата на ”Трето полувреме” во Витлси

Македонско Кино – Македонско Културно Попладне се одржa во неделата на 29 Април 2018 во Yan Yean Theatre во South Morang. Повеќе од 400 присутни беа на попладневната кино проекција и музичка програма.

Со традиционални носии и музика, ора и песни, присутните пред филмот уживаа во подготвената програма, а после тоа имаше и мала закуска. Со звуците на гајдата на Танас Тсутсулис и тапанот на Сашо Јовевски имаше изведба на ора од групата “Весели Македонки” и жените од Македонските пензионерски друштва. Додека женскиот хор “Плетенка” и Стела Бенд се погрижија за песните.
Филмот “Трето полувреме”, е инспириран од вистинските случки во Македонија за време на бугарската окупација во Втората светска војна. Главните улоги во филмот ги играат: Сашко Коцев, Катарина Ивановска, Ричард Самел, Раде Шербеџија, Емил Рубен, Митко Апастоловски, Мето Јовановски, Тони Михајловски итн. Сценариото е дело на Гргур Струјиќ, а музиката за филмот ја компонирал Кирил Џајковски.
„Трето полувреме” е приказна за неколку луѓе собрани околу најважната работа во светот – фудбалот, во најтурбулентното време во историјата на светот – Втората светска војна. Тоа е приказна за играчите на ФК „Македонија” и нивниот германско-еврејски тренер Рудолф Шпиц, кој ги води низ патот кон титулата шампион на Нацистичката фудбалска лига. И најпосле – ова е приказна за фудбалот, игра што во тие страшни времиња е повеќе од игра: тој е бојно поле помеѓу Доброто и Злото.
Овој настан беше поткрепен од Македонските пензионерски групи во Општина Витлси и на него можеше да дојдат од пошироката заедница од Мелбурн и Викторија, вклучувајќи лица од сите возрасти.

Останати вести