Во Македонската опера и балет се подготвува мјузиклот „Тајно моја”, во чест на Тоше Проески. Екипата на мјузиклот почна со читачки проби со режисерот Тони Михајловски, а главните улоги ќе ги толкуваат Антонија Гиговска и Денис Димоски. Овие двајца беа избрани за главните улоги во мјузиклот по пат на голем кастинг.
Во мјузиклот, кој премиерно ќе биде изведен на 10 март на сцената на МОБ, учествува целиот ансамбл, оркестарот, хорот и балетот при МОБ, детскиот хор „Фалесто”. Дел од актерската екипа се Игор Џамбазов и Весна Петрушевска. Либретист е нашиот текстописец и драматург Огнен Неделковски, а автори на новите аранжмани на песните на Тоше се композиторите Кокан Димушевски и Сони Петровски.
Проектот е дел од Годишната програма на Министерството за култура со кој оваа 2017 година ќе ја одбележиме 10-годишнината од смртта на нашата музичка легенда Тоше Проески.
Либретистот Огнен Неделковски појасни дека „Тајно моја” е љубовна приказна за двајца млади што живеат во времето на Тоше Проески, кога тој ги прави најголемите успеси, концерти, албуми…
Уметничкиот раководител на Операта Сони Петровски, кој соработувал со Тоше на повеќе проекти, истакна дека за него претставува предизвик повторно да се пристапи на неговите музички теми и во една ваква форма тие да се оживеат. Публиката ќе може да слушне 20-ина песни од Тоше, како „Немаш ни благодарам”, „Тајно моја”, „Полско цвеќе”, „Усни на усни”…