Претседателот на САД, Доналд Трамп, почна офанзива по сите правци против Kанада. Со наметнувањето царина до 20 отсто за канадското градежно дрво тој практично објави трговска војна на главниот економски партнер на САД, пренесува АФП.
Трамп се заканува и со репресивни мерки во секторот на млекопроизводството.
– Луѓето не сфаќаат дека Kанада беше многу сурова спрема САД. Со години тие беа поитри од нашите раководители – изјави Трамп додавајќи дека не се плаши од трговска војна со Kанада.
Во телефонскиот разговор со Трамп канадскиот премиер Џастин Трудо цврсто вети дека неговата влада енергично ќе ги брани интересите на канадската индустрија за градежна граѓа.
– Ова беше многу пријателски телефонски разговор – соопшти Белата куќа.
Kабинетот на канадскиот премиер сепак се воздржа да направи процена на разговорот.
Малку порано министерот за трговија на САД, Вилбур Рос, го објасни воведувањето на царините со потребата да се спротивстави на субвенциите кои ги даваат канадските провинции што извезуваат ваква стока во САД по пониски цени. САД во 2016 година увезоа канадска граѓа во вредност од 5,7 милијарди долари. Според Рос, новите давачки ќе внесат во американската благајна 1 милијарда долари.
Трговскиот министер на САД објави дека царините врз дрвениот материјал ќе бидат од 3,02 отсто до 24,12 отсто за канадските доставувачи.
Досега Мексико важеше за главна цел на Доналд Трамп, но тој изгледа реши да ја насочи трговската артилерија против северниот сосед со кого САД имаат вековна заедничка историја.
Вилбур Рос истакна дека иако Kанаѓаните се генерално добар сосед, тоа не значи дека тие не треба да ги почитуваат правилата на игра.
– Да не’ преплавуваат со граѓа, тоа не е добрососедство. Од друга страна, меѓу претставниците на млечната индустрија во САД има чувство дека Kанаѓаните донесоа малку нагла одлука минатата недела – додаде министерот за трговија на САД.
Трамп при посетата во државата Висконсин во северниот дел на САД ја опиша како срамна мерката на Kанада да го ограничи увозот на концентрат на млечен протеин.
Но, всушност, канадската влада не донесе никаква нова мерка за млекото. Самите млекопроизводители преговарале со локалните преработувачи и се договориле на штета на една компанија од Висконсин.
Претседателот на Федерацијата на млеко во Kвебек, Бруно Летандр, изјави во етерот на Радио Kанада дека нема правило кое може да запира еден индустријалец да купува млеко од кого сака.