Не очекував дека црква која се градеше со толку голема љубов, еден ден ќе стане предмет на полемика и клевети. Зар манастирот со над 75,000 м2 нема доволно простор за сите оние кои имаат чесни намери. Што ќе им покажеме на нашите деца, имот или нешто свето.
Додека градевме, во сите наши намери заклучувавме едно, градиме за да трае илјадници години. Не знам дали мерењето на времето се измени, но мене ми треба совет од Стефен Хоукинг или пак од старите Маи. Во моментов се поставуваат многу прашања, но во иднина, по се изгледа, тие ќе бидат уште побројни.
Се викам Ивaн Петровски и при крајот на 2006 година бев назначен за главен инженер за градба на црквата при манастирот “Св Прохор Пчински” во Донибрук, општина Витлси. Работата ја наследив од мојот претходник кој требаше да оди на работа надвор од Австралија.
Одобрувањето за градба беше издадено од приватен градежен инспектор, чија обврскаа беше да работи заедно со мене и назначениот свештеник – изведувач и при тоа да води сметка дека објектот ги задоволува регулативите за градење. Исто така тој требаше да не информира за истекување на рокот на одобрувањата и нивно навремено продолжување.
Градбата започна со очекуваниот редослед, прво темелите па се друго. Работите ги извршуваа доброволци, меѓу кои и јас.
Во 2009 година нашиот градежен инспектор престана да работи. Не препорача на неговиот партнер. Во случај кога ќе дојде до вакви промени, замената ја контролира највисокиот орган за градба во Викторија. Откога се се изрегулира, предложениот заменик никогаш не ни се јави, а беше недостапен на сите наши повици. Ова одземаше време. За да продолжи градбата јас ја преземав одговорноста. При тоа се обврзав преку моето професионално осигурување и гарантирав со износ од $1,000,000 за доследноста и квалитетот на изведбата.
Продолживме со градење
Во 2010 година пред да се поднесе барање за продолжување на дозволата, Парламентот на Викториа го донесе амандманот VС68, кој претставува дел од правилникот за планирање на Витлси. Со оваа промена се изврши презонирање на околината, а парцелата на манастирот како дел од Мери Крик, се конзервираше и потпадна под специјална заштита. Следователно се забрани имотот на манастирот да се користи за градење на црква, административна зграда и зграда за престој, односно се она што беше дозволено во 2005 година, кога се доби дозволата за планирање.
По ова следуваше промена на низа други официјални документи, кои направија оваа одлука да стане правосилна. Вака оформен правилникот за планирање беше усвоен и потпишан од Министерот за планирање во јуни 2012 година.
На црквата и беше дадено на знаење дека општината Витлси, врз основа на новонастанатите промени нема да ја продолжи дозволата за развој на плацот и понатамошно градење.
Ситуацијата во која западнавме беше толку сложена, што не можев да го видам излезот. Шансите да продолжиме ни беа никакви. За разлика од мене, Отец Гаврил постојано веруваше дека работите ќе се средат.
Отец Тоне се приклучи да помогне. Благодарение на неговото ангажирање се оформи тим од луѓе со различни специјалности. Почнавме со лобирање. Ги повикавме сите главни представници на општината, да дојдат и да ја согледаат неправдата. Толку дигнати раменици не сум видел во животот. Немаше преставник кој не ни даде подршка, но сите беа немоќни билошто да изменат.
Решение? Немаше!
Решив да одам во Македонија и да заборавам на се. Кога се вратив работите беа изменети. Отец Гаврил, со помош на близок човек, успеал да го покани лично, министерот за Планирање на Викторија и да му укаже за неправдата која ни е направена. При тоа, тој се сложил и се обврзал да помогне.
Во втората половина од 2013 година, министерот го искористи своето право по членот 20(4) од Актот за планирање и заштита на животната средина да ја повлече одлуката. Неговиот кабинет ја подготви и одобри промената С172 од правилникот за планирање на Витлси, со што се одобрува продолжување на градбата и развојот на манастирот, во согласност со барањата и очекувањата на општината.
Конечно правдата беше задоволена. Случај кој ќе биде запишан во историјата на урбанизмот на Викторија. Манастирот доби иднина, благодарение на добронамерноста на еден и вербата, молитвите и упорноста на друг човек.
Во овој период на “мораториум”, дозволата за градба ни истече. Од општината бевме советувани да прекинеме со било какви работи. Не сакав да правиме грешни чекори и да работиме на црно. По сето ова, одзема повеќе од една година општината да ги изрегулира сите работи. Во првата половина од 2014 година ни беше побарано да направиме соодветни дополненија на градежната документацијата. Подготовката ни одзема неколку месеци и во октомври 2014 добивме обновена дозвола со која се одобрува завршување на црквата и партерното уредување околу неа.
Посматрајќи од сегашна перспектива и пратејќи ги сите збиднувања меѓу народот, сега се обвинувам што не влијаев навремено да ја информираме Македонската јавност за текот на градбата и потешкотиите со кои се среќававме. За ова највеќе влијаеше сложеноста на проблемите, кои беа со таков обем што ние немавме капацитет за нивно решавање, а со тоа и соодветен одговор. Воедно не сакав да ја видам јавноста деморализирана, донаторите излажани, доброволците изиграни а верниците без надеж во остварување на заедничката цел.
Имам работно искуство повеќе од 25 години, стекнувано во Р. Македонија, Руската Федерација и Австралија. На времето во Македонија, заедно со близок колега, основавме градежна компанија која подоцна вршеше надзор на изградбата на Милениумскиот Крст на Водно. Во Русија, меѓу другото, бев главен инженер на градба на административна зграда која ја финансираше и надгледуваше кабинетот на претседателот на Русија. Последниве десетина години работам за една од општините во Мелбурн како проект менаџер, каде главно ги водам најзначајните проекти во општината. Штотуку го завршувам проектот кој е од исклучително значење за Мелбурн, а се состои во заштита на реката Јара.
Со ова сакам да ја запознаам јавноста за мојата доследност кон градежништвото, со цел, да се изостави можната илузија за докажување на мојата стручност.
Како заклучок сакам да наведам, се сложиле ние или не, застојот на градбата бездруго е резултат на баластната градежна регулатива на Австралија. Ако сакаме да градиме, должни сме и да и се покоруваме. Тоа Отец Гаврил го разбра и ме поддржа во моите настојувања да се почека и работите да се дотераат по легален пат. Тоа ми дава за право да кажам, дека тој е најзаслужниот за иднината која манастирот “Св Прохор Пчински” во Донибрук во моментов ја има, незанемарувајки ги при тоа подршката и заложбите на Отец Тоне.