Кои се трите планови на Катица Јанева?

Специјалната јавна обвинителка Катица Јавенева до Советот на обвинители, Владата и Собранието ги предаде општиот работен, финансиски и персонален план за работа.
Во текот на оваа недела Советот треба да ги разгледа и да ги одобри. Според член 13 од Законот за специјалното обвинителство ниту една од овие институции нема право да стави забелешки или интервенции во плановите. 

Во персоналниот план Јанева има предложено тим од 14 обвинители со кои заедно треба да работи во истражување на кривични дела поврзани со прислушуваните разговори.
„Изразувам очекување Советот за јавни обвинители да ги имплементира плановите и да ги избере јавните обвинители предложени од моја страна. Плановите се направени врз основа на анализа на досега достапните податоци за предметите, очекувањата за прилив на нови предмети, како и реалните потреби за обезбедување на независност и автономност во работењето на Јавното обвинителство.”
На седницата за избор и усвојување на плановите, ќе се дискутира за секој кандидат поединечно.
Во финансискиот план Јанева треба да одреди колку пари и се потребни нејзе и на нејзиниот тим за плати, истрага, за стручни и надворешни соработници, истражители. Исто така, и за трошоци за патувања и истраги во странски земји, кои беа спомнати во неколку аудио снимки од објавените прислушувани разговори, бидејќи целата работа не може да се врши само од канцеларија.
Јанева има рок од 18 месеци да подигне обвинение за секоја започната истрага за дела кои произлегуваат од прислушуваните разговори. Ако во рамки на тој период не покрене обвинение, понатаму не ќе може да го стори тоа.
МАКАР И ЕДЕН НЕЈЗИН СОРАБОТНИК ДА НЕ ИЗБЕРАТ, ЈАНЕВА ЌЕ СИ ПОДНЕСЕ ОСТАВКА
Ако макар и еден од листата на 14-темина заменици-специјални обвинители биде отфрлен и не биде изгласан од Советот на јавни обвинители на седницата оваа недела, кога треба да се случи изборот, специјалната обвинителка Катица Јанева ќе си поднесе оставка, неофицијално дознава скопски„Вест».
Со неа, велат изворите на весникот, ќе се повлече и целиот тим. Ултиматумот е “или сите во пакет, или ниеден”. Јанева рече дека целосно стои зад предложените соработници кога го објави нивниот список.

Останати вести