Официјално започна трката за Претседател на Република Македонија

На 1 април започна изборната кампања за претседателските избори во Македонија, чиј што прв круг ќе се одржи на 21 април, а вториот е закажан на 5 мај.

ВМРО-ДПМНЕ со Гордана Силјановска Давкова традиционално кампањата ја започна со митинг во Охрид, а СДСМ со Стево Пендаровски во Прилеп, додека Блерим Река од Алијанса за Албанците започна од Скопје.
Претседателските кандидати потпишаа кодексот за фер и демократски избори, со кој се обврзаа на чесна и фер игра во изборениот процес. Тие беа едногласни дека на професори (сите тројца се универзитетски професори) не им прилега црна кампања.
– Немам никакви дилеми дека ние тројцата ќе направиме се да останеме во рамки на една демократска борба каква што прилега на една држава што е де факто членка на НАТО и очекувам наскоро да стане и членка на ЕУ, рече Пендаровски, потпишувајќи го кодексот.
– Соучесниците на изборите не ги сметам за непријатели, а нам жените не ни приличи да не ја почитуваме етиката. Иако сум жена очекувам витешка борба со аргументи, а не со византиски игри и се надевам дека последниот збор ќе го имаат граѓаните, изјави Силјановска – Давкова.
– Влегуваме во едно ново искушение за државата и мислам дека не е главно кој ќе победи, туку е важно резултатот да биде законски и регуларен и со тоа да обезбедиме датум за почеток на преговори со Европската унија, кажа Блерим Река.
Изборната кампањата ќе трае до 19 април на полноќ кога почнува предизборниот молк.
Како што објави ДИК, на шестите претседателски избори право на глас ќе имаат 1.808.131 гласачи или 6.000 помалку од последните локални избори.
Победа во првиот круг може да оствари само кандидат кој освоил 50% плус еден од вкупно запишаните избирачи (или во бројки 904.066 гласа) што е практично невозможно. Затоа во вториот круг – каде ќе се соочат двајцата со најмногу гласови од првиот круг – единствен услов ќе биде на гласањето да излезат над 40% од вкупниот број на запишани избирачи или нешто повеќе од 723.000 гласачи. Претседател на Републиката ќе стане тој што ќе освои повеќе гласови на доверба.

Останати вести