До светските медиуми стигна снимка од австралискиот прајминистер Малком Турнбул на која го исмева американскиот претседател Доналд Трамп.
Турнбул бил снимен на дружење со австралиските медиуми во парламентот.
Од тој настан обично не се известува, но уредникот за политика на ТВ каналот 9 изјави дека решил да го прекрши протоколот и да ја објави снимката. Турнбул кажа дека со тоа тој „ја прекршил довербата”.
Трамп и Турнбул неодамна ги поправија односите по лошиот почеток. Тие имаа непријатен прв телефонски разговор откако Трамп одби да прими 1.200 емигранти од австралиските собирни центри, што претходно било договорено. Сепак, двајцата лидери се сретнаа минатиот месец во Њујорк, а Трамп потоа изјави дека имаат „фантастичен однос”.
Имитирајќи ги мимиките и гестовите на Трамп, Турнбул на снимката кажува дека нивната средба била „прекрасна, најдобра на сите времиња”.
„Доналд и јас, од анкета во анкета победуваме. Победуваме како што никогаш никој не победувал”, кажува премиерот на снимката.
Владата на Турнбул изгуби десет отсто од популарноста во анкетите во март, во мај едвај малку се крена на нозе. И Трамп ја губи поддршката од граѓаните, а неодамнешната анкета на Галуп покажа дека со неговата политика не се сложуваат 59 отсто од Американците.
Турнбул се пошегува и на таа сметка, кажувајќи дека во анкетите „лесно се победува”.
„Познавам едно момче од Русија”, кажа Турнбул, алудирајќи на обвинувањата дека руски хакери и Путин му помогнале на Трамп да победи на изборите.