Скопјанецот Кире Ѓеоргиевски (37) и неговиот татко Цане (68) се уапсени во семејниот дом како учесници во физичкиот напад врз пратеникот Зијадин Села на 27 април во Собранието на РМ.
„Од досега прибавените докази, Основното јавно обвинителство – Скопје оцени дека постои основано сомнение дека овие две лица, заедно со други лица, кои во овој момент се неидентификувани, го извршиле кривичното дело „убиство во обид”, стои во соопштението од Обвинителството.
За време на нередите, Села бил изнесен од просторијата за прес-конференции, каде се случија најголемите тепачки, а потоа бил одвлечкан во друга просторија во Собранието.
Според МВР, од досегашната истрага за насилничките напади во Собранието било утврдено “дека во салата 3, каде се одржувала прес конференција, Ц.Ѓ. најпрвин фрлил стол, а К.Ѓ. фрлал разни предмети кон присутните пратеници, по што двајцата заедно физички го нападнале и го влечеле пратеникот З.С. СВР Скопје, во консултација и соработка со Основното јавно обвинителство Скопје, во моментов презема мерки и активности во врска со горенаведените лица, а во насока на потврдување и документирање на дејствијата, за што јавноста дополнително ќе биде известена.”
Првично полицијата упаднала во домот на Кире Ѓорѓиевски во Општина Кисела Вода, при што со претрес биле пронајдени и подигнати патики со траги слични на крв, облека, еден ловечки нож и три мобилни телефони, кои со потврда за привремено одземени предмети му се одземени. Потоа уапсените Кире и татко му Цане се однесени пред судија на претходна постапка кој на двајцата им определил 30-дневен притвор.