Убавините на Вевчани

Многу планови за брз економски и туристички развој

Пишува: Моника Талеска

Во регионот на Дримкол во југозападниот дел на Македонија, на надморска височина од 800, а на места и 900 метри е сместено селото и истоимената Општина Вевчани. Распослано на падините на Јабланица ова село е вистинска туристичка атракција, граничи со соседната Општина Струга, а ја допира и границата со Албанија. Според пописот од 2002 година, Општината броела 2.433 жители, сите Македонци. Легендите велат, името доаѓа од зборот вес, кој значел село. Селчани, Весчани или Вевчани сеедно опива со убавините, чистата природа, зеленилото, свежината, чистите води, еколошки чисти водени ресурси, планини, шуми, ендемска фауна и флора, богата историја и траги од населби од периодот пред нашата ера, многу цркви, параклиси, угостителски објекти, зачувана архитектура и пред се срдечен однос на жителите. Ова се атрибутите на малото селце кое потсеќа на оние фасцинантните населени места во северна Италија, каде со нетрпение чекате да вдишите од свежината, спокојот и културата на живеење на мештаните.

Првите легенди за Вевчани велат дека е стара населба, а нејзините почетоци датираат од крајот на 6-ти и почеток на 7-ми век, кога Брсјаците го преплавиле Струшко и ја населиле локацијата на денешно Вевчани. Калимановатаграмота, како досега најстар истражен документ говори дека Вевчани како селска населба е евидентирано од крајот на 9-ти век и тоа како мошне развиена, економски јака населба  обврзана да дава данок во натура на бугарскиот кнез Борис Први, а по него и на царот Симеон Велики.

Во Вевчани постојат многубројни параклиси: “Св. Димитрија”, “Св. Петка”, “Св. Недела”, “Св. Среда” и  “Св. Јован”. Еден од најмладите црковни објекти во Вевчани е манастирот “Св. Петар и Павле”чија изградба  започна во 2000 година на Вевчанска Голина, на надморска височина од околу 2000 метри, во чест на 2000 години од христијанството и мисијата на апостол Павле.

„Сега го развиваме и црковниот туризам. Поставивме крст над Вевчани висок 25 метри, градиме видиковец на тоа место, и ќе ги реновираме конаците од манастирот. Кој ќе дојде еднаш во Вевчани, доаѓа постојано. Вевчани е многу поатрактивно место за одмор, отколку другите планински туристички центри кај нас, бидејќи е урбана средина каде постојано живеат околу 2.800 жители. Освен убавата природа,има ноќен живот по нашите традиционални ресторани и кафулиња, се нуди забава за сите возрасти. Кога температурата во Скопје во лето е 40 степени, овде е 30. Гостите се одморени, се чувствуваат  пријатно. Но, мора да се намалат цените на угостителските услуги, доколку сакаме да ги привлечеме гостите. Исто така треба да се има во вид, дека храната во нашите ресторани е една од најеколошките и најчистите во Македонија, бидејќи целото поле се наводнува со чиста и незагадена вода од нашите познати извори”, вели градоначалникот Цветомир Угриновски.

Во близина на селото се наоѓаат најпосетените во Македонија, ‘Вевчански Извори’.Посетителите се восхитуваат од нивната убавина, која како магнет ги влече назад во нова средба, зашто необично е  себенаоѓањето во бучавата на бистрата вода и свежиот воздух. Главниот извор е сместен во отворот на пештера. На десетина метри подолу, се наоѓаат неколку постојани извори кои подземно комуницираат со главниот извор. Капацитетот на Вевчанските Извори во влажниот период од годината изнесува околу 1500 литри во секунда.Од неодамна Општина Вевчани ги има ингеренциите и врз Вевчанските извори, согласно со законот за заштита на спомениците на природата. Тие се во голема мера уредени за туристичка посета, но сепак се вложуваат напори и има план за нивно доуредување за да привлечат што поголем број посетители.

„Сега се работат проекти за проширување и разубавување. На 80-ина метри над изворите се наоѓаат Вевчанските пештери. Според планот, ќе се изгради пристап до пештерите и тие ќе се осветлат. Има многу мештани кои ги посетиле, кои раскажуваат за нивните убавини, пештерски украси, сталактити и сталакмити. Поради својата атрактивност, тие секако дека ќе бидат интересни за туристите, а наша обврска е да ги адаптираме за посети”, вели градоначалникот Угриноски.

На влезот во Општината е поставена „Порта Вевчани”,до неа се гради манастирот Св. Ѓорѓи. Манастирот и црквата ќе бидат во форма на православен крст. Според локалните власти, по изворите и карневалот,втор бренд е Портата, трет Крстот,а четврт е манастирот.

„Општината формираше тим за култура. Треба да се работи на проверка на некои сознанија дека Карневалот датира пред нашата ера. За таа цел ќе отвориме и овде канцеларија на МАНУ. Историјата на Вевчани е доста богата и не е комплетно истражена. Имаме исто така и куќа посветена на Михајло Пупин, каде престојувале неговите прадедовци, кои потоа заминале во Војводина. Затоа сакаме да воспоставиме поголеми културни врски со Србија”, додава Угриновски.

Вевчанскиот карневал, обичај под маска, кој се нарекува „Свети Васиља” (Василица), се празнува на 13 и 14 јануари секоја година и е посветен на Св. Василиј Велики. На тој ден се дочекува новата православна година, а се испраќа старата. Овој пагански обичај овде се негува со векови, а василичарите, маскирани поединци и групи од сите возрасти се организирани по маала.

Општина Вевчани подготви проект и очекува Министерството за животна средина да издаде одобрение, за прогласување на планината Јабланица за национален парк. Богатата флора и фауна, природните реткости и убавини се главните атрибути на овој планински бисер во близина на Вевчани, кој што според планот ќе биде задолжителен на агендата особено на странските туристи.

„Во долниот дел на планината има костени, а во горниот буки. Оваа е многу питома планина, богата со разни видови чаеви, шумски јагоди, боровинки, капинки, глог и други растенија кои се користат и во медицината, но и во домашната природна аптека, зашто имаат значајна улога во зачувување на здравјето на човекот. Секоја прошетка по овие убавини е посебно доживување и за нас мештаните, а не само за туристите, кои во се поголем број доаѓаат во Вевчанско”, истакнува Угриноски.

Во планината има благи патеки, погодни за прошетки, но сепак треба да се доуредат, за да немаат дупки, да може посетителите да се движат лесно, без проблеми. Ќе се градат видиковци каде има побогата фауна, ќе се поставуваат хранилници, поилки и соларници за: мечки, волци, лисици, елени, диви свињи, зајаци, срни, рисови…Соларниците ги привлекуваат дивите животни, па тие ќе бидат посебна атракција за туристите во овој регион.

Вевчани е мета на туристите преку цела година. Но, целта на локалните власти е овде да се задржат барем неколку дена за да го почувствуваат амбиентот, душата на селото, а со тоа да пораснат и економските бенефити на Општината.

Останати вести