Европската полиција уапси 35-годишен Пакистанец, идентификуван како Атиф З., кој е обвинет за убиство на повеќе од 70 луѓе во Пакистан.
Пакистанецот, за кого полициски извори тврдат дека е платен убиец, е уапсен заедно со група од 42 илегални имигранти во Унгарија. Осомничениот Атиф З. се наоѓа на пакистанската листа на најбарани криминалци, но и на листата на Интерпол. Атиф, заедно со групата илегални мигранти, е лоциран по дојава на локален жител во јужниот дел на Унгарија, близу тромеѓето со Србија и Хрватска, движејќи се по добропознатата балканска маршрута, која минува и низ Македонија. Во брзата акција на полицијата, во која учествувале полициски структури од повеќе европски земји, била фатена цела 42 члена група илегални мигранти. Атиф бил еден од организаторите на илегалното мигрирање и криминалните дејства на групата.
Овој случај повторно ги потврди стравувањата дека има голема веројатност бегалските „конвои” да бидат одлично засолниште за криминалците од секаков вид, што се потврди и со случајот на Атиф, кој од својата земја дошол до ЕУ, каде што полицијата конечно успеа да го уапси.
– Овој случај уште еднаш ја покажува важноста на меѓународната соработка во борбата против криминалот. Јас само можат да им честитам на австриските крим-истражувачи за нивниот успех – изјави австрискиот министер за внатрешни работи Волфганг Соботка.
Според штурите официјални соопштенија, осомничениот за убиство на дури 70 лица, Атиф З., бил познат како Касапот од Пакистан, но австриската полиција потврди дека се уште нема многу детали за криминалот за кој Атиф се сомничи во неговата држава.
Според европската легислатива, заради основани сомненија за ваков вид криминал и заради распишаната меѓународна потерница, Атиф З. сега се соочува со депортација во Пакистан. Сепак, процесот може да се одолжи поради тоа што Австрија не смее да депортира криминалци што можат да се соочат со смртна казна во нивната домицилна држава, а смртната казна е многу веројатна за ваков вид случај во Пакистан.
Според Агенцијата за контрола на надворешните граници на ЕУ, „Фронтекс”, западнобалканската маршрута беше претпочитана маршрута за влез во Европа на мигрантите во 2015 година, со повеќе од 760 илјади мигранти. По построгите полициски контроли, кои беа воведени на крајот на 2015, бројките на мигрантите на оваа маршрута паднаа на околу 120 илјади во 2016 година.
Сега, кога илегалното влегување е намалено, шверцерите со мигранти ги користат илегалните маршрути, кои се многу потешки за откривање, што ја прави работата на полицијата уште потешка.
Голема е веројатноста Касапот од Пакистан да поминал низ Македонија. Како што претходно минал низ повеќе други земји, вклучувајќи ја Грција, а потоа продолжил и низ Србија.
Голем проблем за македонските служби од 2015 наваму е однесувањето на Грција и на „Фронтекс” во нерегуларното регистрирање на мигрантите. Така што, кога веќе беа пристигнати мигрантите во Македонија, во многу случаи македонските служби немаа проверена информација за идентитетот на овие луѓе. Друг структурален проблем беше што Македонија се сметаше за „трета земја”, затоа што не е член на ЕУ, исто како и Србија и Турција, што значи дека за време на мигрантската криза Македонија немаше пристап до „Еуродак дата” (систем на ЕУ за идентификација на отпечатоците од прсти на барателите на азил и илегални мигранти). Исто така, од моето истражување можам да потврдам дека европските служби не ни беа многу заинтересирани за разузнавачките информации што можеше да ги овозможи Македонија. Иако ваквите информации службите секако треба да ги имаат и знаат, сепак не може да се каже дека Македонија е виновна за ова, имајќи ги предвид ограничувањата со кои се соочуваше земјата во тој период – елаборира Крис Делисо, американски новинар и автор на книгата „Миграција, тероризам и иднината на поделена Европа”.
Тој истакнува дека во иднина квалитетот на соработката меѓу службите зависи претежно од ЕУ.