Германскиот весник Билд ја објави првата фотографија на која вели дека се гледа убиецот што во петокот нападна во трговскиот центар Олимпија во Минхен.
Напаѓачот, засега идентификуван само како Али Давид Сонболи, кој уби девет лица во Минхен и се самоуби, бил опседнат со масовните пукања и има очигледна врска со норвешкиот масовен убиец Андерс Беринг Брејвик, рече германската полиција.
Полицијата, која го пребарала станот во кој овој 18-годишник живеел со своите родители, вели дека во него открила писмени материјали за масовни напади. Родителите му биле Иранци, тој е роден и израснат во Минхен.
Полицијата смета дека тој ги намамил своите жртви преку фејсбук-покана во еден ресторан. Се сомнева дека користел лажен профил на име на девојка за да ги кани луѓето во ресторан на Мекдоналдс, каде што го почна својот напад.
Во нападот во трговскиот центар Олимпија 27 лица се повредени, меѓу кои и деца. Едно 13-годишно момче е во животна опасност. Убиените се на возраст меѓу 14 и 21 години. Повредени има и во паниката при евакуација на различни јавни згради, затоа бројката е 27.
Три жртви се од Косово, три од Турција и една од Грција, вели Би-би-си.
Полицијата соопшти дека напаѓачот бил под психијатриски третман и дека се лекувал од депресија.
Во Германија знамињата беа спуштени на половина копје во знак на жалост, а канцеларката Ангела Меркел претседаваше на состанокот на Националниот совет за безбедност.