Заев нè лажеше, убијците треба да си седат во затвор

Пресвртот што се случи во врска со случајот “Монструм” предизвика бурни реакции.

Имено, в.д. државниот јавен обвинител Лилјана Спасовска (која го замени разрешениот Марко Зврлевски) минатата седмица пред Врховниот суд изјавила дека треба да се прифати жалбата на адвокатите на шестмината осудени, пресудата да се укине и предметот да се врати на повторно судење во првостепена инстанца поради бројни нејаснотии и недоречености. Исто така и за да се слушнат снимките од прислушуваните разговори за кои СДСМ тврдеше дека имаат врска со случајот.
– Поради спорните факти во обвинението, предлагам да се отфрлат одлуките на првостепениот суд и на Апелациониот суд и да започне нова истрага имајќи ги предвид фактите на одбраната. Фактите треба да се оценат праведно. Треба да се имаат предвид и сомнежите дека за наведеното дело постојат и прислушувања, нешто што ја проблематизира актуелната одлука за овој случај. Новата истрага треба да го аргументира со факти секој заклучок на Јавното обвинителство во обвинението, се посомнева Спасовска во заклучоците на обвинителството за овој случај.
Прислушуваните разговори, рече таа, фрлаат дополнителна сенка и објасни дека затоа побарала судот да ги обезбеди овие докази.
– Јас не сакам да работам во сенка, не сакам да сум во темница. Сакам да сум на чистина и на виделина, а судот е должен да ја отстрани сенката, со цел задоволување на правдата и правичноста, рекла во Врховниот суд Републичкиот обвинител Спасовска.
Патем го потсети Врховниот суд, кој сега е на потег да одлучи, откако и обвинителката застана на страната на осудените и нивните адвокати:
– Јавното обвинителство е должно да го штити јавниот интерес и да ја гарантира сигурноста на граѓаните. На тоа е обврзан и Врховниот суд. Судот треба да донесе пресуда на која нема да се стави никаков атрибут ниту етикета.
Инаку, Основниот суд Скопје 1 им пресуди доживотни казни на шестмина припадници од албанската заедница за масакрот на Велики Четврток 2012, кога кај Смилковското Езеро беа свирепо егзекутирани четворица млади и еден возрасен – сите пропадници на православната македонска заедница. Овие пресуди беа потврдени и на второстепениот Апелациски суд во Скопје. Сега ќе се почека да се види како ќе реши Врховниот суд.
Роднините на убиените момиња велат дека се потврдуваат нивните сомнежи оти политичарите не дозволувале до крај да се дознае вистината. Разочарани се и од претходната власт што ги штитела тие што стојат во позадина на масакарот, но и од новата бидејќи им ветила дека клучот е во прислучкуваните разговори.
Во своето гостување во емисијата „Во Центар”, двајца од родителите на загинатите деца на Смилковското Езеро изјавија дека биле повеќе пати изманипулирани од Зоран Заев за тој лично да добива политички поени на своето конто. Тие стојат на ставот дека луѓето кои сега се во затвор се сторителите на свирепото повеќекратно убиство.
– Тие се убијците кои лежат во затвор. Не можат да бидат други. Ние сме огорчени од самиот Заев, бидејќи многу ни вети и на крај ништо, вели еден од родителите на убиените деца.
На прашањето на авторот на емисијата Васко Ефтов до друг родител на убиено дете како се чувствуваат кога ќе слушнат тие дека осудените не се убијците, а дека првообвинетите ги ослободиле на Косово или дека не се естрадирани от таму, тој вели:
– Се чувствуваме како што се чувствуваме, но ние добро го познаваме случајот и цврсто стоиме дека овие се убијците, тврди другиот родител.
На 12 април 2012 беа убиени четири момчиња на возраст од 18 до 21 година од населбата Радишани: Филип Славковски, Александар Накевски, Цветанчо Ацковски и Кире Трпковски, како и четириесет и петгодишниот Борче Стевковски од селото Црешево.
Во случајот „Монструм” доживотен затвор им е изречен на Алил Демири, Африм Исмаиловиќ, Агим Исмаиловиќ, Фејзи Азири, Хаки Азири и Сами Љута. Поради недостаток на докази Сејди Рами беше ослободен. За Демири и Исмаиловиќ, кои беа осудени во отсуство, се уште се чека на екстрадиција од Косово.

Останати вести