Убил пријател додека правеле слики со сачмарка

Настанот, како што имаме пишувано и порано, се случил на почетокот на март годинава, а минатата среда започна судскиот процес во врска со случајот. На рочиштето обвинетиот Алберт Раповски од Лајло се изјаснил за виновен, а судот му го продолжил притворот до следното сослушување.

Според документите изнесени пред судот, Раповски и неколкумина негови пријатели, меѓу кои и 23-годишниот Махамд Хасан, на 5 март се собрале во соба на мотелот „Парксајд ин мотел” каде донеле пушка – сачмарка и почнале да си играат со неа.
Хасан, наводно, му кажал да Раповски да го испразни оружјето за да не застрела некого. Според полицијата, Македонецот ја отворил пушката, а еден од неговите пријатели од неа извадил два патрони.
Раповски во еден момент ја вперил пушката во главата на Хасан додека тој се подготвувал да се слика себеси со мобилниот телефон. Раповски го повлекол чкрапецот и оружјето испукало директно во главата на неговиот пријател.
Раповски, според полицискиот извештај, почнал да плаче и да вреска, викајќи: „Го застрелав Мо, го застрелав Мо”, а потоа побегнал од хотелот.
Телото на Хасан го открил сопственикот на мотелот. Следниот ден, како што пишува „Гардијан”, Раповски се обидел да избега во Македонија. Тој на свој пријател, кој работел како туристички агент, му рекол дека мора итно да замине во Македонија за да ја види својата баба, која, наводно, била болна.
Бил пресретнат од полицијата на аеродромот во Мелбурн на 6 март, каде е уапсен, а потоа и обвинет за убиство на својот пријател од средношколските денови.

Останати вести