Во Кривичниот суд во Скопје тече судењето на Ангела Ѓорѓиевска, соучесник во убиството на Пинета (Пино) Секондо чии остатоци лани беа најдени кај скопското село Љуботен. Убиството го извршил Фуркан Али, кој е во бегство, а Пино со месеци се водеше како исчезнат.
Во тек е распит на сведоците на Обвинителството. Братучетката на Пино Секондо сведочеше за тоа како и кога ја запознала девојката која е обвинета за неговото убиство.
– Ангела не му беше девојка, туку се гледаше со неа за задоволување на сексуалните потреби, сведочеше братучетката Марија Трпковска. Тој тоа самиот ѝ го имал кажано, а Марија не ја прифаќала Ангела бидејќи, според неа, таа не прилегала на нивната фамилија, односно не се дотерувала и не била средена.
Освен тоа, Пино бил свесен дека Ангела истовремено се гледала и со други момчиња. Кога братучетка му Марија му предочила на Пино дека Ангела не е девојка за него, тој ѝ одговорил дека „долу нема очи”.
Еден ден пред да исчезне на својата братучетка ѝ рекол „аман веќе од оваа”, мислејќи на Ангела, која упорно му пишувала и барала да се видат.
Пино и неговото друштво на Ангела ѝ го имале дадено прекарот „ќоравата”.
Другарката на второобвинетата Ангела Ѓорѓиевска, Фросина Петковска, сведочеше дека првообвинетиот Фуркан Али и Ангела биле во врска една и пол година, но и дека таа се допишувала со Пино кој и се допаѓал.
– Ми зборуваше за Пино додека се уште не одеше сериозно со Фуркан, рече во сведочењето Петковска.
Сведочеше и Бурхан Али, брат на осомничениот за убиството. Тој рече дека не ја познава второосомничената Ангела Ѓорѓиевска и дека не знаел ништо за убиството, сè додека полицијата не дошла во нивната куќа.
– Сè што знам за убиството е од медиумите и од емисијата “Код”, рече Бурхан Али.
Пино Секондо бил убиен на 11 декември 2018 година. Ангела Ѓорѓиевска е обвинета дека во убиството му била соучесник на првообвинетиот Фуркан Али, кој е во бегство и по него е распишана меѓународна потерница.
Остатоците од телото на Секондо беа случајно пронајдени кон крајот на април минатата година.