На овогодишната конференција на Федерацијата на јазици на заедниците на Австралија и НЈВ, во најсветло издание се преставија токму учителите по македонски јазик.
Имено, госпоѓа Жаклина Михајлова и господин Благојче Јосифовски беа директно инволвирани во организирањето на конференцијата, а две учителки, Жаклина Михајлова и Весна Трајковска, одржаа пет стручни предавања од областа на изучувањето на мајчиниотјазик.
Македонскиот просветно-училишен одбор за НЈВ се престави и со едукативно-информативен постер, кој привлече големо внимание меѓу посетителите. Учениците Мартина Ѓергис и Петар Славески од македонските етнички училишта, пееја во интернационалнот хор на Федерацијата, што настапи на главното отворање на истата.
Инаку, оваа година националната Конференција за јазици ја посетија 550 делегати од цела Австралија, а на пленарната седница зборуваа повеќемина политичари и министри. Имаше претставници од 54 јазика и од 384 училишта во кои се изучуваат тие јазици.
Зборувајќи за медиумите, Претседателот на Федерацијата на етничките училишта за јазици во НЈВ, Алберт Вела, изјави: „Имавме голем придонес од македонските наставници” и при тоа упати апел до македонската заедница, до родителите и роднините кои имаат мали деца, да вложат труд и да го одржуваат и зачуваат македонскиот јазик на овие простори.
Очигледно е дека учителите во Австралија со голема љубов ја изведуваат наставата и го одржуваат изучувањето на македонскиот јазик. Дај Боже во срцето на секој Македонец вака да има топлина за поколенијата!
Жаклина Михајлова




