Шеесет и едногодишен чешки државјанин во четвртокот удри со запален автомобил во автоматските врати на полициска станица во местото Мерилендс, западен Сиднеј.
Австралиските власти ја исклучија можноста дека се работи за тероризам.
Според нив, станува збор за маж кој страда од психички проблеми, а кој требало да присуствува на судење заради семеен спор во врска со негување на неговата 90-годишна мајка.
Полицијата соопшти дека нема повредени, а сторителот се здобил со сериозни изгореници и се наоѓа во болница.
Од Единицата за пожари и за спасување на Нов Јужен Велс потврдија дека биле повикани поради инцидентот во станицата во Мерилендс, каде што веќе биле деминерите кои требало да се осигураат дека нема опасност од експлозивни материјали и ризик од експлозија. Улиците околу полициската станица беа блокирани со безбедносен периметар.
Полициската станица во Мерилендс е под засилена безбедност поради неодамнешното сомневање дека е планиран напад од 15-годишниот ученик Фархад Јабар, кој уби еден вработен во полицијата.
Енди Токсаз бил паркиран преку улица од станицата кога слушнал силен прасок.
– Одненадеж се слушна силна експлозија. Излегов да видам што се случува, а полицијата беше насекаде. Истрчаа од станицата и сите гледаа кон паркингот, каде што мал сребрен автомобил поминал низ металните порти. На сите ни рекоа да бегаме во случај да има бомба. Се обидоа да го извлечат напаѓачот од автомобилот, но вратите му беа заклучени, па на крај со апарати го изгаснаа пожарот – вели тој за „Дејли телеграф”.
Последните неколку години Австралија беше цел на неколку планирани терористички напади на Исламска држава, вклучувајќи ја и опсадата на кафулето „Линд” во 2014 година. Безбедносните служби во земјата неодамна обелоденија дека бројот на напади што ги осуетиле е се поголем, додавајќи дека во последните 4 години најмалку 23 лица се осудени поради обвинеија за терористички активности.
Постојани закани од радикалните муслимани
Полициската станица во Мерилендс, според австралиската федерална полиција, долго време е цел на закани на сиднејските радикализирани муслимани, кои испраќале заканувачки писма дека ќе убиваат немуслимани со фотографии со отсечени глави.
Нападот на станицата се случува откако претходно годинава четворица мажи беа обвинети за убиството на полицискиот сметководител Kертис Ченг. Полицијата наведува дека уапсените, меѓу кои е и Талал Аламедин кој живее во Мерилендс, се обвинети и за планирање терористички напад на станицата. Во Мерилендс последните неколку месеци имало повеќе апсења и рации поврзани со тероризам, а во септември 2014 имаше и голема рација поврзана со заговорот за обезглавување полицаец.

