УЕФА ПОБЕДИ, АМА ИМА УЛТИМАТИВНО БАРАЊЕ ДО КЛУБОВИТЕ: “Јасно и гласно да се откажете од Суперлигата“!

Помалку од два дена траеше „отцепувањето” на 12-те европски клубови од УЕФА и создавањето на нивната Суперлига. Но некои и понатаму не сакаат да се откажат од тој проект.

Реал Мадрид, Барселона, Јувентус и Милан не се огласија официјално дека отстапуваат од идејата за новото натпреварување, па претседателот на УЕФА, Александер Чеферин, уште еднаш ги предупреди дека ќе мораат да го направат тоа, инаку ќе бидат казнети. И тоа сериозно.
Словенецот изјави дека очекува од сите клубови кои се спомнуваа како основачи на Суперлигата јавно да признаат дека повеќе не се за тоа натпреварување.
– Кристално е јасно дека клубовите ќе мораат децидно да се изјаснат дали се членови на Суперлигата или УЕФА. Ако кажат дека се за Суперлига, јасно е дека нема да можат да играат во Лигата на шампионите. А ако се подготвени да го направат тоа, тогаш нека играат во своето натпреварување, јасен е Чеферин.
Засега се покајаа сите шест англиски клуба: Ливерпул, Манчестер јунајтед, Манчестер сити, Арсенал, Тотенхем и Челзи, а по нив Атлетико Мадрид и Интер.
Причината за ваквиот став на Чеферин е тоа што англиските клубови под притисок на своите навивачи нема повеќе ниту да помислат за такво натпреварување, а со оглед на тоа дека уште претходно ПСЖ, Баерн, Борусија, Лион и Севиља одбија да настапат, „суперлигашите” се сведуваат само на неколку тимови, па немаат друг излез освен да ја прифатат Лигата на шампионите.
Чеферин најави дека сите ќе сносат одредени последици, но исто така најави дека „оние кои ќе признаат, половина ќе им се прости”.
– Уште ја чекаме правната експертиза и тогаш ќе ги соопштиме деталите, но сите се соочуваат со последици за своите одлуки и тоа го знаат. За мене, сепак, различна е ситуацијата за оние кои ја признаа својата грешка и рекоа дека ќе го напуштат својот проект. Другите, изгледа, не сакаат да поверуваат дека тој проект е мртов.
Одметниците во обид би можеле да бидат казнети и на национални нивоа, не само во меѓународните натпреварувања.
– На денешниот состанок на Извршниот одбор се договоривме да се поврземе со националните федерации и лиги. Тоа ќе го направиме следната недела и ќе видиме што конкретно можат да направат лигите, што федерациите, а што УЕФА, најави Чеферин.
Нема сомнежи дека европската куќа на фудбалот победи во оваа војна со газдите на најбогатите европски клубови кои сакаа да се осамостојат со цел да заработат уште повеќе пари, но се чини дека на УЕФА не и е доволно само тоа што најатрактивните клубови ќе останат во Лигата на шампионите. Чеферин бара и јавно покајување на директорите на Реал и Јувентус – Перез, Ањели и другите. Во спротивно, ќе добијат драстични казни како поука за сите кои ќе помислат нешто слично.

Останати вести