Европската фудбалска унија (УЕФА) минатата недела го откажа Евро 2020 за идното лето, за да направи простор за да се доиграат прекинатите фудбалски првенства во сите земји во Европа, но и да се заврши клупската сезона во Лигата на шампионите и Лига Европа со краен рок – сè да заврши до крајот на јуни.
Во Нион веќе го разработиле „корона календарот” откако опасниот вирус го прекина нормалниот живот и одложи буквално сè на спортски план, арно ама развојот на настаните со пандемијата и големата битка во најголемата светска криза по Втората светска војна, прашање е што ќе донесе на крај и како ќе се доигра сезоната.
УЕФА направила „корона календар” со седум сценарија во кои има и преоптимистички сценарија, но сите заедно се смислени со ист фокус – финалето во ЛШ да се идигра на 27 јуни во Истанбул.
Според тој „корона каландар” првото сценарио, кое од оваа перспектива делува невозможно да се оствари е сезоната да продолжи на 14 април и тогаш сè би продолжило таму каде што застана фудбалот. Со реваншите во осминафиналето во ЛШ и ЛЕ, а клубовите би имале доволен период да си ги завршат во нормален тек првенствата, со исклучок на паузата за баражите за пласман на Евро 2020 (4 јуни и 9 јуни). Во ова сценарио фудбал би се играл десетпати за викенд, а девет во работните седмици.
Второто сценарио е рестарт на фудбалот на 28 април, кој ќе донесе низа промени, па тогаш календарот уште повеќе би се згуснал и четвртфиналињата во ЛШ и Лига Европа би се играле како „финалиња” со по еден меч, наместо двомечи. Би останале еднаков и доволен број на термини за да се доиграат нормално националните шампионати. Но и ова сценарио од сегашна перспектива делува невозможно, зашто допрва Шпанија, Германија, Франција, па и Велика Британија го очекуваат пикот на ударот од коронавирусот, па никој не знае кога воопшто би се создале барем минимални услови за игра.
Останатите пет сценарија се за рестартирање на фудбалот од почетокот на мај, но тогаш ќе мора да има преструктуирање на комплетниот календар по национални првенства, а Лигата на шампионите и Лига Европа би се играле со завршен фајнлфор за првпат во историјата. Сè што ќе почне од мај и подоцна би значело дека првенствата ќе мора да направат преструктуирање во делот сезоната да се доигра, но по поинаков принцип и да се задржи спортското натпреварување за да се прогласат шампиони.
УЕФА нема второ сценарио за продолжување на сезоната по јуни, зашто веќе се навлегува во почеток на новата сезона, но проблематични ќе бидат и договорите на фудбалерите, чии заеми или договори завршуваат од 1 јули.
Од Нион најавија дека секоја федерација си е одговорна за својата лига и сама треба да направи план како ќе се доигра, ако воопшто ситуацијата дозволи такво нешто. УЕФА е оптимист дека набрзо фудбал пак ќе се игра за да се избегне тоталната катастрофа, поради коронавирусот да не се доигра ништо, што најмногу би било апокалипса за клубовите, кои би загубиле неверојатни суми на пари и со тоа би се довела најважната споредна работа на светот во тешка рецесија, која многу клубови можеби и нема да ја преживеат.
Александер Чеферин, првиот човек на УЕФА најави дека европската централа има над пола милијарда евра во резерви од кои може да искористи за солидарен фонд за да се помогне насекаде во Европа, но засега останува надежта дека доигрувањето на сезоната ќе ја ублажи економската рецесија која сериозно се заканува.