Преку ноќ исчезнале над 600 од иконите украдени од Албанија и Македонија

ПОГРЕШНИ ПРЕСМЕТKИ ИЛИ СKАНДАЛ ВО ТИРАНА

Мистериозно исчезнале над 600 икони, кои полицијата во Албанија ги заплени пред две години при апсењето на колекционерот Ѓерг Тимио (51) од Kорча (а кој е веќе осуден на седум години затвор), пишува скопски “Дневник”.

Тимио е прогласен за виновен дека поседувал и тргувал со икони, кои биле украдени од манастири и цркви во Македонија и во Албанија. Скандалот со исчезнувањето на иконите го открија новинари од весникот „Шќиптарја” од Тирана, кои објавија дека две институции во земјата лиферуваат во јавноста три различни бројки за иконите со тоа фрлајќи сомнеж дека можеби станува збор за некаква институционална злоупотреба во Албанија, погрешно водење на регистрите или нешто друго. Според тврдењето, албанското МВР објавило дека станува збор за запленети 1.177 предмети од кои најголем дел биле икони. Од друга страна пак од албанското министерство за култура два пати соопштиле две различни бројки – еднаш дека се запленети 477 икони, а вториот пат 476 икони.
Она што е интересно е молкот на институциите во врска со ова тврдење. Инаку иконите, откако завршил судскиот процес пред само неколку дена, биле пренесени во Националниот историски музеј во Албанија, по што со соопштение до медиумите се огласило Министерството за култура. Токму во соопштението на министерството била објавена спорната информација односно дека полицијата во 2013 година всушност запленила 477 икони што е спротивно на информацијата на албанското МВР дека тогаш биле запленети 1.177 предмети. По ова се поставува прашањето каде се другите над 600 предмети од кои најголем дел се икони, дали тие му се вратени на колекционерот или едноставно „испариле”.
При судењето на Тимио судот ја зел предвид неговата согласност да му се суди по скратена судска постапка, па пресудената казна му е намалена за една третина со што колекционерот ќе треба да одлежи 4 години и осум месеци. Заедно со Тимио, осуден е и неговиот соработник Арбен Спахо (42), кој доби шест години затвор, но му е намалена на четири години од истите причини.
Инаку во акцијата „Икона” албанската полиција заплени икони, артефакти, бронзени и други предмети, кои потекнуваат од средниот век. Kога полицијата го откри магацинот со икони и други вредни предмети, Тимио тврдеше дека е колекционер. Иако на негов товар се ставаше дека украдените икони од Македонија и од Албанија ги шверцувал и им ги продавал на колекционери во Италија и во Швајцарија, односно дека вршел трговија со артефакти, сепак Обвинителството успеало да најде докази само за кражбата на предметите. Со ова значително се намали тежината на делата за кои првично постоеја сомнежи дека ги сторил.
Тимио во своето сведочење рече дека е невин и дека е наместен од високи политички структури. Тој не само што не ја признал вината туку ја обвинил полицијата дека украла предмети од неговиот „приватен музеј” во кој имал три илјади експонати, а кои не постојат во ниту еден записник.
Kолекционерот го обвини и Обвинителството за нецелосна истрага и за прикривање докази наведувајќи дека еден од скриените докази се и СМС-пораките упатени до пратеникот Kочо Kокдима, кој му барал икона вредна милион евра за премиерот Еди Рама да му ја подари на поранешниот британски премиер Тони Блер, инаку советник во владата на Рама. При своето прво појавување на суд лично го обвини премиерот дека го наместил за ова меѓународно кривично дело.

(“Дневник”)

На Македонија не и се вратени украдените икони на Дичо Зограф

Во Македонија се уште не се вратени 20 икони за кои македонското МВР и домашни експерти потврдија дека се украдени од манастири и цркви од земјата. Македонските експерти утврдија дека две вредни икони, кои лично ги насликал великанот Дичо Зограф, како и три, по кои македонската полиција трагала преку Интерпол, се дел од листата со 20 македонски икони.
Се уште нема одговор од Министерството за култура на Албанија зошто македонските икони не се вратени, иако албанските икони веќе се пренесени во Музеј во Тирана.

Останати вести