Официјална Будимпешта бара Германија најдиректно да објасни и посочи како мигрантите да се движат низ територијата на ЕУ.
Унгарската држава инсистира брзо разјаснување на правната ситуација поврзана со движењето на илегалните мигранти во европска унија. Ваквиот остар став кон Берлин доаѓа по неколку попустливи најави на германската страна во врска со жалбите на мигрантите околу ограниченото движење во Унгарија.
„Германија последните денови демонстрира попустлив став кон илегалните имигранти кои пристигнуваат од Сирија, што ја зголеми надежта кај мигрантите, а ситуацијата стана нејасна и нетранспарентна. За да заврши таквата нетранспарентна и штетна состојба бараме од Германија да ја разјасни правната ситуација” изјави портпаролот на унгарската влада Андраш Гиро-Сас.
Унгарија денеска ја заврши 200 км долгата жичена ограда долж границата од Србија која треба да ја заштити земјата од нелегалните мигранти. Засега не се знае какви ќе бидат крајните ефекти од ваквиот за многумина неконвенционален потез на унгарската страна.
Илјадници бегалци од Будимпешта тргнаа пеш кон Австрија и Германија
Илјадници бегалци кои беа блокирани во Будимпешта и не можеа да се качат на воз за Австрија и понатаму за Германија (иако имаа и купени билети) тргнаа пеш кон австриската граница. Полицијата предупредила поради слабата видливост покрај патиштата да користат светла облека. Некои бегалци мафтале со знамиња на Европската Унија. Бројни волонтери по пат ги снабдуваа со храна и вода. Од Будимпешта до австриската граница има околу 170 километри. Потоа ги чека марш низ Австрија долг над 400 километри до Германија, каде повеќето се упатени. Шефот на кабинетот на унгарскиот премиер Виктор Орбан, Јанош Лазар, објави дека унгарските власти на бегалците кои пешачат кон Австрија, како и на оние на железничката станица во Будимпешта, ќе им обезбеди автобуси до австриската граница. На оваа неочекувана вест тој додал и дека австриските власти не одговориле на нивното прашање, па не може да каже дали бегалците ќе бидат примени во Австрија, пренесува Ројтерс. Во меѓувреме, јави британски Гардијан, во Минхен околу 5.000 луѓе се пријавиле да им помогнат на илјадниците бегалци кои се очекува да пристигнат од Унгарија.