На Универзална сала нема да има барок? Не е можно!

Ова е само една идеја за идниот изглед на Универзална сала, во духот на “Скопје 2014“. Но, официјално се демантира дека новиот изглед ќе биде во барок

Старо-новата Универзална сала нема да биде барокна и нема да се гради по идејно решение изработено од скопскиот бизнисмен Зоран Илиев Роџер, реагираа од јавната установа Конгресен центар „Александар Македонски” (новото име дадено кога завршија кавгите околу околу големиот објект што се најавуваше) откако деновиве по социјалните мрежи и во дел од медиумите беа пласирани информации и слики од наводниот нов изглед на Универзална сала.

„Сакаме да нагласиме дека решението за кое има дискусии во јавноста не е идејното решение според кое ќе се реконструира и надгради постојниот објект на Универзалната сала. Како што беше потенцирано на прес-конференцијата пред две недели, објектот ќе се догради и прошири врз основа на идејното решение избрано пред осум години, а изработено од ‘Архангел бојс'”, реагираа од Конгресниот центар “Александар Македонски” (читај Универзална сала).
Директорката Вера Бошковска потенцираше дека објектот нема да има стилска фасада. „Во објавениот оглас за доработка на постојниот проект не се инсистира на одредени стилови, поточно, Универзална сала нема да биде барокна, како што шпекулираат некои”, појасни Бошковска и додаде дека во случајов Универзална е комплетен носител на проектот, а останува договореното доградбата на објектот да биде финансирана со средства од владиниот буџет.
Инаку, минатата недела надлежните од Универзална сала распишаа оглас за измена и дополнување на проектите за реконструкција со доградба и надградба на постојниот објект. Истовремено бараат ревизија во сите фази од проектирањето, вклучувајќи и елаборати. Надлежните процениле дека за тоа ќе платат речиси 200,000 евра.
Пред неколку недели беше потврдено дека Министерството за култура се откажа од изградба на нов објект, бидејќи заклучиле дека тоа ќе ги чини многу пари. Поисплатливо било постојниот да се прошири и догради. Градоначалникот Коце Трајановски истакна дека старо-новата Универзална сала во основа ќе го задржи изгледот. Ќе ја има препознатливата купола, ќе се изградат дополнителни сали и други придружни содржини, а ќе биде решено и паркирањето.

Останати вести