Силниот ветер бил причина за уривањето на малиот воздухоплов кај Солунска Глава, изјави премиерот Зоран Заев во петокот.
Авион од типот “цесна П210Н” се урна кај Солунска Глава на 2 април во 16:15 часот на надморска височина од 2.200 метри. Во несреќата загинаа пилотот, бугарскиот државјанин Георги Бошнаков (49), во чија сопственост бил малиот воздухоплов, неговата сопруга и двете ќерки. Леталото со кое се превезувале било со германски регистарски ознаки. Остатоците од авионот се најдени на планината Јакупица, на 26 км јужно од Скопје, блиску до врвот Солунска Глава.
Авионот со бугарското семејство полетал во 15:10 часот од аеродромот “Свети Апостол Павле” во Охрид. Поради лошите метеоролошки услови пилотот посакал да слета во Скопје, но кратко потоа побарал да продолжи кон Софија. Неговите последни зборови биле “Јака турбуленција, јака турбуленција”. По ова прекинала секаква комуникација а авионот исчезнал од радарот.
– Авионот е најден, има првична истрага, но не можеме да ги кажеме причините за несреќата. Во првите 20 дена од истрагата законски не можеме да коментираме, беше одговорот од првиот човек на Комитетот за истрага на воздухопловни несреќи, Зоран Илиевски на прес-конференција.
– Од она што го знам, пилотот над Прилепско побарал дозвола да слета во Скопје, но веднаш се откажал и продолжил за Софија. Зошто од таму сакал да лета, не би можел да кажам, рече Илиевски.
Тој додаде дека не сретнал случај во историјата некој да побарал слетување во ситуацијата кога авионот се наоѓа во опасност и да не добил дозвола, демантирајќи ги шпекулациите дека пилотот не добил одобрение да слета на Скопскиот аеродром поради слетувањето на авионот на грчкиот премиер Алексис Ципрас.
Исто така појасни дека пилотите со вакви авиони сами одлучуваат дали ќе летаат или не, одговарајќи на новинарско прашање за временските услови, и рече дека во генералната авијација пилотот сам си го прави планот за летање.
За извлекување на остатоците од урнатиот авион кажа дека ќе причекаат времето на Солунска Глава малку да се подобри, бидејќи сега има многу снег, и дека мораат да бидат внимателни за да не се оштети некој дел од авионот.
Дел бугарски медиуми веќе објавија аудиоснимка од разговорот помеѓу пилотот и контролата на летање, каде се слуша дека авионот се обидува да избегне облак.
„Може да се прелета над Солунска Глава, нема облаци, сигурно е и чисто со база од над 300 метри над врвот. Да, ама пилотот јави дека е турбулентно и го снема од радар”, е дел од разговорот меѓу контролорите, објавена на dnes.bg.
Од М-НАВ велат дека тие не смеат официјално да ја објават снимката додека трае истрагата. Досега се направени над 400 професионални фотографии од воздух и со дрон.
Земен е примерок од горивото кој треба допрва да се анализира во акредитирана лабораторија и се чекаат податоци за целиот историјат на воздухопловот, односно дали имал претходно инциденти и дали летал над Македонија.
Се знае дека пилотот Георги Бошнаков имал аматерска пилотска лиценца од 2013 година. Со неа можел да го управува приватниот авион.
Главниот асистент за безбедност во лет на Техничкиот универзитет во Бугарија, Марин Петров, коментирал оти ниту една верзија не може да се исклучи од сценариото. Според неговите зборови, во вакви ситуации се истражуваат пилотот, неговата обука, состојбата на авионот и временските услови.
– Забрането е да се оди во такви облаци во овој тип на авиони. Облаци кои имаат силна турбуленција со големи нагорни и надолни струи, што е исклучително опасно, протокот е толку голем што може да доведе до колапс на авионот и уништување во воздухот – објаснил Петров.
Завршени се ДНК-анализите на загинатите во авионската несреќа
Институтот за судска медицина во Скопје ја заврши ДНК-анализата на посмртните останки од четворицата бугарски државјани, информира министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
Телата на мајката Калина (47) и двете ќерки Гергана (14) и Билјана (18) целосно изгореле во трагедијата, а телото на таткото, односно пилотот што го управувал авионот е изгорено до половина.
Инаку, таткото Георги Бошнаков бил поранешен шеф на одделот за „Имплементација и одржување на информатики и технологии” во рамки на бугарската Агенција за регистрација. Потоа започнал приватен бизнис и во моментот имал компанија за рециклирање на отпадоци.
Посмртните остатоци се предадени на роднините во Бугарија.
Претседателот на Комитетот за истраги на воздухопловни несреќи и сериозни инциденти – КИВНСИ, Зоран Илиевски, информираше дека остатоците на авионот ќе бидат подигнати веднаш штом тоа ќе го дозволат временските услови, а дали ќе има потреба од вештачење на леталото, рече дека тоа ќе го покаже истрагата.
Во истражниот тим за уривањето на „цесната” ќе се приклучат и двајца бугарски истражители.

