Национална премиер лига во НЈВ, 7-мо коло
Нортбриџе Булс – Рокдаел Илинден 0:1
Пред рекордно мал број на гледачи Илинден со голот на Урошевски (од пенал) “прокнижи” уште три бода.
И двата тима покажаа доста добра, брза и фер игра со многу шанси за гол меѓутоа голманите Вуд и Брадашевиќ ги покажаа голманските квалитети.
Домашните имаа шанса да дојдат во водство откако судијата Катие Патерсон досуди пенал (поради играње со рака), а најстрогата казна ја изведе Најар но Брадашевиќ го “прочита” и шансата пропадна.
Илинден имаше неколку шанси за гол но на Урошевски (кој се трудеше многу) не му тргна од нога да ја затресе противничката мрежа.
И во вториот дел, како и во првите 45 минути, фудбалерите од двата тима настојуваа да постигнат гол но и двата голмани, особено Брадашевиќ (на кого вероватно овој натпревар му беше најдобар од досегашната сезона) тоа не го дозволија.
Сепак, на пет минути пред крајот на натпреварот судијата Патерсон повторно досуди пенал за играње со рака, овој пат во корист на Илинден, а ударот од белата точка сигурно го изведе капитенот Урошевски.
На овој натпревар Урошевски и Брадашевиќ го заслужија епитетот како најдобри на теренот.
Во следното коло, в сабота, на 17 април, Илинден му гостува на Сатерланд Шаркс (Seymour Shaw Park, Mirandа), а почетокот на натпреварот е во 15.30.

