Уште еден чекор до официјална промена на државното име

Само три дена им беа потребни на пратениците во Собранието на РМ за да ги изгласаат четирите нацрт-амандмани со просто мнозинство во втората фаза од уставните измени.

Поминаа амандманите од XXXIII до XXXVI: првиот е изгласан со 67 гласови „за” ; вториот со 65 гласа „за”, 18 „против” и 8 воздржани; третиот со со 64 гласа „за”, 14 „против” и 2 воздржани ; четвртиот со 66 „за” и седум „против”.
Со првиот амандман се предвидува во Уставот зборовите „Република Македонија” да се заменат со зборовите „Република Северна Македонија”, а зборот „Македонија” се заменува со зборовите „Северна Македонија” (освен во членот 36, кој има историски апсект и се однесува на “посебните социјални права на борците од Антифашистичката војна и од сите националноослободителни војни на Македонија”).
Со вториот се интервенира во Преамбулата на Уставот па зборовите „одлуките на АСНОМ” се заменуваат со зборовите „Прогласот од Првото заседание на АСНОМ” и се додава Охридскиот рамковен договор.
Третиот амандман наведува дека “Републиката го почитува суверенитетот, територијалниот интегритет и политичката независност на соседните држави”.
Четвртиот се однесува на иселениците и во него се предвидува дека “Републиката ги штити правата и интересите на своите државјани кои живеат или престојуваат во странство и ги унапредува нивните врски со татковината, a оти притоа нема да се меша во суверените права на други држави и во нивните внатрешни работи.
Пратениците кои ја напуштија опозицијата не гласаа за првите три амандмани. Гласаа само за четвртиот, кој пак беше единствениот амандман за кој гласаа албанските опозициски партии.
Со утврдување на нацрт-амандманите кои ги предложи Владата на премиерот Заев, согласно Догоговорот со Грција за решавање на спорот околу името во парламентот, е завршена втората фаза на уставните промени.
До крајот на оваа недела би требало да заврши петдневната јавна расправа за четирите нацрт-амандмани, по што Владата ќе треба да ги формулира предлозите за амандманите и да ги врати на усвојување.
Во третата, завршна фаза, за усвојување на амандманите на Уставот на Македонија е потребно 2/3 мнозинство од 80 пратеници , за што на владеачката коалиција ќе и треба и поддршка на опозициските пратеници.
Се предвидува дека промените на Уставот на Македонија би можеле да завршат до половината на јануари 2019, а за да стапат на сила потребно е Грција да го ратификува Договорот од Преспа и пристапниот протокол на Македонија за членство во НАТО.

Останати вести