МКД “Транскорп” во соработка со Амбасадата на Република Македонија во Австралија организираше хуманитарна вечер со цел собирање на средства кои ќе одат за помош на настраданите семејства по катастрофалните поплави во околината на Скопје.
Хуманитарната вечер се одржа во саботата, во просториите на фудбалскиот клуб “Илинден” во Рокдајл каде се донираа преку $80,000 долари.
Целиот приход од вечерта е префрлен на жиро-сметката на Македонската амбасада која ќе ги проследи средствата до Република Македонија деновиве за да се распределат до сите оние што беа афектирани од големата поплава во Скопје.
Дознаваме неофицијално дека собраните средства од нашата заедница во Австралија ќе бидат двојно поголеми од минатиот пат, кога се собраа преку $ 100,000. Со тоа Македонците во Австралија ќе бидат најдарежливи. Притоа во овие средства не се бројат оние што се пратени директно до фамилите на оние што имаат роднини што се афектирани од катастрофалната поплава што однесе и човечки животи.
За забавата и вечерта да биде повесела се погрижија МКУД “Илинден”, нашата ѕвезда Новица Василевски, Гоце Петрески –Бананата, музичката група Деспина, Зоре Мицевска и други што настапија без надоместок за хуманитарни цели.



