Успешно промовирана македонската култура во Њујорк

Мартин Кејниг, министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска и Мето Коловски

По извонредниот концерт на Дуке Бојаџиев и камерниот оркестар на Македонската филхармонија во престижниот Карнеги Хол, во Македонскиот културен центар во Њујорк беа реализирани настани преку кои повторно успешно беше промовирана македонската култура, информираат од Министерството за култура. 

Беше отворена изложбата на македонските реномирани уметници Ацо Таневски и Ивана Пирковска, а беше промовирано и аудио-изданието со традиционални македонски изворни песни, во издание на еден од најголемите музеи во Америка – „Смитсонијан”.
Аудио-изданието со традиционални македонски изворни песни, кое е насловено „Играј до последен здив” и е продуцирано од страна на големиот пријател на Македонија, етнографот Мартин Кејниг, содржи 17 исклучително вредни, изворни песни кои се одраз на музикалноста на нашиот народ.
Снимените тонски записи се ретки и автентични песни од вештите традиционални музичари на зурли, тапани и чалгија, а застапени се и детални истражувачки сознанија со транскрипции на англиски јазик, кои документираат популарни и значајни урбани и рурални традиции од нашето богато културно наследство.
Во последните десет години во Македонскиот центар за култура се реализираа преку 130 настани кои ја афирмираа македонската култура и уметност.

Останати вести