Проблемите во Австралија ќе се решаваат само по Уставот на МПЦ

– Овој пат мислам дека Светиот синод беше толку директен и прецизен.

Откако сите можности им ги даде на тие луѓе, кои цело време атакуваа најмногу против мене како архиереј, јас ете се согласив и дадов предлог во 2012 година да се создадат услови за нова епархија, со тоа што оние кои се надвор од Македонската црква, со расчинети свештеници и самоекскомуницирани верници, како и дел од црковните општини кои ги поддржуваат, да се види, ако е во мене грешката и вината, тогаш под управата на Светиот Синод тие ќе се покажат вистински верници. Сега станаа уште понепослушни одошто кога беа под моја јурисдикција. И, конечно Светиот синод, гледајќи после 3 години дека крајно неодговорно се однесуваат дури и кон записниците за договорената платформа, дека и нив ги отфрлаат, тогаш Синодот конечно одлучи дека не може повеќе надвор од црковните закони да се решаваат проблемите во Австралија. И затоа донесе такви конкретни одлуки дека се понатаму ќе се решава согласно светите канони, Уставот на МПЦ и прописите. Се што произлегува од нив и ништо поинаку, изјави владиката Петар на трибина во Битола.
Препогребување без откопување
Владиката Петар појасни како е замислена процедурата за оние што биле погребани од т.н. “нелегални” свештеници. Мртвите само ќе се препејуваат.
– Никаде не е кажано дека ќе има откопување на мртвите, не манипулирајте со тие изрази. Ние кажуваме дека треба да се извршат опела. Опела се вршат и на луѓе за кои тела немаме, рече владиката Петар.
ОДЛУКАТА НА СИНОДОТ НА МПЦ ЌЕ ЗАСЕГНЕ 1,000 ЛИЦА?
Одлуката на МПЦ за повторно крштевање, венчавање и опејување во Австралија – поради тоа што биле извршени од раката на расчинети попови – ќе засегне околу 1,000 лица, изјави за ТВ Алфа владиката Петар.

ИГОР АЛЕКСАНДРОВ: Ако продолжи кочењето на нашите напори, ќе прогласиме задгранична МПЦ
За претседателот на Здружението на македонските заедници во Австралија, Игор Аврамовски Александров, последната одлука на САС на МПЦ за прекрстување, превенчавање и преопејување на дел од верниците во Австралија е безумно и бесрамно писмо и дело на крајно искомпромитираниот владика Петар, потпишано од поглаварот Стефан, со поткрепа на тетовскиот владика Јосиф и кумановскиот владика Јосиф.
– Очигледната намера на ваквото писмо, со кое неколку владици неканонски се мешаат во ингеренциите на австралискиот администратор г. Тимотеј, е да ги нарушат нашите двегодишни напори за регистрирање на македонска православна епархија како правно лице во Австралија и заштита на црковните имоти и средства од напорите на Петар да ги приграби на свое лично име, вели Александров за порталот МКД.мк.
Тој вели дека контактирал со владиката Тимотеј кој му потврдил оти прогласот за неговата наводна екскомуникација и за потреба од прекрштевање, превенчавање и препогребување на верници е – неважечки.
– Ние ќе продолжиме со напорите за регистрирање на епархија и нејзино управување според нацрт-статутот кој беше усвоен на епархиско собрание при неодамнешната австралиска посета на г. Тимотеј. Ако пак Стефан, Петар и јосифовци до крај го закочат одобрувањето на тие акти од страна на архиепископскиот Црковно-народен собор, не само што ќе ги оставиме на служба оспоруваните свештеници, туку ќе пристапиме и кон ангажирање на нови независни свештеници и воспоставување на автономна задгранична Македонска православна црква, со свој автономен владика. Одговорноста за тоа ќе си ја сносат владиците кои своите лични суети и ситни интереси ги ставиле над честа и интересите на Црквата, вели Александров во изјавата за истиот портал.

Останати вести