Уште една дадилка малтретирала близначиња, доби 30 дена домашен притвор

Откриен е уште еден случај на психофизичко малтретирање деца од страна на дадилка во Скопје. По преглед на видео-записи од безбедносни камери во домот, 33-годишната мајка Н.С. открила дека 55-годишната жена А.К. ангажирана како дадилка физички и психички ги малтретира нејзините 3-годишни близнаци.

Скопското обвинителство отвори истрага, а судија на претходна постапка и одредни 30 дена куќен притвор.
Обвинителството се уште истражува дали станува збор за лице кое било ангажирано преку Агенција за посредување или не.
– Во временскиот период од 1 до 27 ноември, осомничената ангажирана за негување и чување на две деца на возраст од три години, грубо ја запоставувала својата должност за грижа и воспитување и ги малтретирала. Имено, таа постојано им викала и ги навредувала без причина, но и физички ги напаѓала со удари по главата и кубење на косата. Мајката на децата во домот поставила безбедносни камери и при прегледот на видео-записот го забележала малтретирањето и однесувањето кон децата, по што поднела кривична пријава, велат од Обвинителството.
Лиценца за негувател може да се добие само со аплицирање до Министерството за труд и социјала и полагање електронски испит. Но, проблем е што лиценци се даваат на лица со завршено средно образование, без разлика на струката.
– Секое физичко лице, како со секоја друга лиценца, само ќе се стекне со лиценца. Имаме издадено 3.000 лиценци во нашата држава. Најголем дел од тие физички лица се вработени во јавните и приватните детски градинки, изјави министерката за труд и социјална политика Мила Царовска.
Ова е втор случај во ноември во кој дадилка е под истрага откако претходно безбедносните камери на едно скопско кафуле открија уште една дадилка како малтретира дете. Имено 59-годишната Живка П. беше снимена како малтретира едно од трите 2-годишни близначиња што ги чувала бидејќи мајката одела на работа а таткото бил во странство.
– Со години посакував да станам мајка, на крајот успеав, со ин-витро, но само јас знам низ каква голгота поминав, за на крај моите чеда да завршат тортурирани и малтретирани од жена монструм, која ја ангажирав преку агенција, раскажуваше мајката на овие деца за малтретирањето снимено со безбедносните камери на игротека во скопски Аеродром.
– Ја гледав целосната снимка, во игротеката ми ја пуштија. Иако од болка и гнев не можев да ја догледам до крај, видов дека таа го гуши моето дете, ставајќи ја нејзината одвратна рака врз устата и носот на моето дете. Сакам да одговара за обид за убиство, а не само за запуштање и малтетирање. Моето дете не може да спие, постојано плаче. Неколку пати забележував модринки и гребаници кај децата, ама таа секогаш имаше добри изговори. Ми велеше дека паднале, се изгребале, а јас бидејќи се три дечиња и постои веројатност меѓусебно да се изгребат играјќи си, слепо и верував. Се уверував сама себе оти дадилка за која од Агенцијата ми рекоа дека има лиценца, иако не ми ја прикажаа, има искуство. Таа за да ги чува децата земаше по 30.000 денари месечно, не можев да поверувам дека може да ги малтретира – вели мајката.
Оваа дадилка доби 30-дневен ефективен притвор во Шутка.

Останати вести