Шефот на српската дипломатија, Ивица Дачиќ, најави дека од понеделник ќе го соопшти името на 15-та држава која ја повлекла одлуката за признавање на независноста на Косово.
Дачиќ за РТС вели дека во овој момент помалку од 100 држави ја признаваат независноста на Косово.
По повод најновите провокации на Косово, каде на остатоците од православната црква Свети Никола на Ново Брдо, на средновековната српска тврдина, истакнати се косовски знамиња, Дачиќ вели дека меѓународната заедница со Резолуцијата на ОН 1244 се обврзала дека ќе го сочува српското културно-историско наследство на Косово.
Дачиќ се осврна и на потегот на ексшефицата за дипломатија на ЕУ, Федерика Могерини, која на состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ и земјите кандидати за членство во август во Хелсинки ги повикала претставниците на Приштина, наведувајќи дека е првпат во пракса повикана територија која е далеку од статус на кандидат за членство во ЕУ.