Штом пристигне кинеската вакцина на “Синофарм” во Македонија дневно ќе можат да се вакцинираат по 2.500 лица.
Министерот за здравство Венко Филипче во понеделникот го потпиша договорот со Кинезите за набавка на 200 илјади дози кои не е прецизиран кога ќе стигнат во земјата (министерот вели дека “за многу кратко време ќе го знаеме датумот”). Воедно е најавено дека следнава седмица треба да пристигнат и првите вакцини од “Фајзер” (веројатно оние 8.000 од Србија).
– По 1.380 граѓани дневно ќе се вакцинираат во Скопје, а 2.500 вкупно во земјата. Во пунктовите во скопските поликлиники дневно ќе можат вакцина против ковид-19 да примат 880 лица, а во пунктот во Клиничкиот центар уште 500. Засега се пријавени 4.000 здравствени работници од кои 2.000 се од Скопје. Сметаме дека овој капацитет е доволен за спроведување на првата фаза со која ќе бидат опфатени медицинските лица, хронично болните и старите. Спремни сме да го надградиме системот, гледавме примери од други земји, но не сакавме да избрзаме. Постои можност да направиме и проширување на пунктовите во модуларните болници кои сега се празни бидејќи пациентите се лекуваат на инфективните одделенија во болниците, рече министерот Филипче.
Термините за вакцинација во Македонија ќе бидат закажувани на 10 минути.
Први вакцината ќе ја примат здравствените работници кои поради работата имаат висок ризик да се инфицираат со коронавирус и во јавното и во приватното здравство, меѓу кои се ковид-центрите, клиничките болници и здравствени установи, матичните лекари, старските домови и тие за рехабилитација. Нивната бројка според планот е проектирана на 14.200.
Веднаш по нив ќе бидат лицата над 70 години, кои во земјата ги има повеќе од 170.000, а кои ќе бидат поделени во групи според здравствената состојба која ја имаат.
Со оглед дека со кинеската “Синофарм” ќе можат да бидат вакцинирани околу 75.000 лица од над 70 години, останатите 100.000 лица на истата возраст ќе чекаат нова тура вакцини, но не оние на „АстраЗенека”, чија колична од околу 30.000 кои преку Ковакс механизмот треба да стигнат во март, од 103.000 најавени за првите два кваратили од година.
Филипче вели дека нема да има прекини во процесот на вакцинација бидејќи очекува во периодот кој следи да се зголемува достапноста до вакцини, при што информира дека секој ден чекаат да пристигне договорот од „Фајзер” со кој би требало да се обезбедат дополнителни 800.000 вакицни до крај на годината. Здравствените власти, вели Филипче, се отворена за сите вакцини кои се на пазарот, но за нови вакцини ќе се чека како ќе се одвива процесот на имунизација, а пред се динамиката на испорака на вакцините преку Ковакс и договорот со “Фајзер”.
Во средата беше пуштена во употреба веб-страницата на која сите граѓани можат да се пријават за вакцинација, а системот ќе ги одреди термините според приоритетните групи.