Ван Хут вели дека македонскиот менталитет не бил како европскиот, а пак ЕУ ни бара европски избори!?

Преговорите меѓу власта и опозицијата околу регулирањето на медиумите пред изборите како да не водат никаде.

Иако постојниот закон за медиуми во 2013 година беше донесен со европско знаменце (што значи дека е направен со учество на европски консултанти), според СДСМ тој не обезбедува фер претставување на изборните платформи. Со тоа што власта префрла десетици милиони во одредени медиуми, таа веќе ги има придобиено и сега тие функционираат како здружен фронт против опозицијата. Преговорите се влезени во фаза на договорање на нов закон за медиуми.
Но, приватните медиуми – кои се задоволни од состојбатата таква каква што е – гласно негодуваат и велат дека не сакаат да дозволат опозицијата да им биде главен уредник и да им кажува како да работат. ВМРО-ДПМНЕ, пак, предлага СДСМ и белгискиот посредник во преговорите, Питер ван Хауте, да изберат било кој од законите за медиуми во некоја земја-членка на ЕУ и да го предложат – а тие ќе го прифатат.
Илија Димовски од ВМРО-­ДПМНЕ изјави дека предлогот на СДСМ во врска со реформите во медиумите е апсолутно неприфатлив и дека тоа што го нудат го нема во ниту земја во Европската унија.
– Ова е фрапантно лош предлог. Во него се предвидени високи казни за медиумите. Како пример – доколку во некој прилог биде наведено дека Кире Лазаров е добар ракометар треба да се обезбеди и соговорник кој ќе тврди дека Кире Лазаров е лош ракометар. Слична одредба се предвидува и за контактните емисии. Ова е гаргамел закон. ВМРО-ДПМНЕ останува на ставот дека сегашниот Закон за медиуми е добар и подготвен по сите стандарди. Важно е и тоа што на 24 февруари се распушта Собранието и тогаш стапуваат на сила одредбите за медиумите од Изборниот законик. Ние им нудиме на СДСМ да се усвои било кој закон од земјите во ЕУ, рече Димовски.
Состојбата на ова поле е длабоко навлезена во ќорсокак. Ставот на посредникот Ван Хауте е дека предлогот на ВМРО-ДПМНЕ е неспроведлив зашто “македонскиот менталитет не бил како европскиот”, па затоа не треба да се бара пресликување на некој европски закон во оваа сфера.
– Не е добра идејата да се копира од европските земји и да се земаат закони од нив затоа што вие имате различен правен систем, друг устав, друг менталитет. Вашите медиуми не може да се споредуваат со медиумите во другите земји. Затоа, ве молам, обидете се да го искористите тоа што го имате и да го подобрите тоа – изјави Ван Хауте.
И Европската комисија има веќе изградено став околу ова прашање а тој е јасно искажан како во заклучоците на Прибе така и во забелешките на самата ЕК – кои велат дека власта има премногу силна позиција во поголемиот број медиуми, како што впрочем покажува и во сферата на правосудството.
Македонскиот медиумски простор е мал а потенцијалот на чисто економски реклами е крајно ограничен. Најголем огласувач во земјата е Владата и оттаму е воспоставена силна симбиоза помеѓу медиумите и власта. Потентните медиуми се со власта, а оние кои не се – се сиромашни и живеат од странските проекти за развој на демократијата.
Најостра слика за поделбата во медиумскиот простор дава спротивставеноста на двете здруженија на новинари во земјата. Здружението на новинари на РМ (ЗНМ) е на став дека актуелната состојба во новинарската фела создава слепи слуги и апологети на власта. Од друга страна Македонската асоцијација на новинари (МАН) тврди дека рекламите од власта медиумите ги добиваат според рејтинзите и дека нема ништо лошо во истакнувањето на лојалност кон владејачката партија. Од МАН резонираат уште на следниов начин: доколку Македонија нема менталитет и капацитет за европски закони, зошто се бараат од нас европски избори, односно европски правила во секоја сфера на животот?

Останати вести