Актуелниот македонски шампион Вардар дојде до голема победа во градското дерби со Шкупи (1:0) и на најдобрата екипа во Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ) ѝ го нанесе првиот пораз.
Шкупи беше далеку од она издание на претходните средби, кога доминираше. Вардар изгледаше одлично, на терен беше компактен и евидентно беше дека новите засилувања влијаат на играта. Васоски ги доби сите играчи за време на репрезентативната пауза, ги уигра и тоа донесе плод во дуелот со големиот ривал. Дуелот го реши еден погодок на Матеј Цветаноски во 52 минута, а на средбата можеше да има уште голови ама голманите брилјираа кога беше најпотребно.
По поразот во претходното коло од Шкупи, и екипата на Пелистер запиша нов бод на своето конто во Првата македонска фудбалска лига, откако во Битола одигра без победник против Македонија Ѓорче Петров (0:0).
Проблемите на Штерјовски со повредени играчи станаа минато и повторно во првиот состав ги имаше засилувањата Пејаковиќ и Хот, а за првпат оваа сезона од првата минута на теренот истрча и засилувањето од Шкендија, Анголецот Нето.
И Штерјовски и Тасевски со неколку измени пробаа да ја освежат играта на своите момци, но ниту тоа не донесе резултат, па поделбата на бодовите можеби е најдобриот исход од дуелот во Битола.
Во следното коло Пелистер гостува кај фенерџијата Беласица, додека Македонија ЃП ќе го пречека шампионот Вардар.
Фудбалерите на Борец стигнаа до нова победа, втора во новата ПМФЛ-сезона. Овојпат пред тимот од Велес потклекна Академија Пандев (2:0) која целосно беше надиграна на овој натпревар.
Домаќинот беше подобар од самиот почеток и наметна иницијатива која ја одржуваше во првиот дел. Но поведе дури во 70. минута кога Фернандо Силва дос Сантош пласираше и го отвори резултатот со удар од работ на казнениот простор.
Конечниот резултат го постигна капитенот Прелчец кој биеше од слободен удар прецизно и неодбранливо за голманот Марко Алчевски.
На спротивната страна „пандевци” целосно потфрлија и со четвриот сезонски пораз паднаа на претпоследното место на табелата.
Следното коло за Борец носи гостување кај Силекс, додека за струмичани тешко патување кај Шкендија.
