Старо-новиот шампион на Босна и Херцеговина, Сараево, чиј капитен е македонскиот репрезентативец Крсте Велкоски, најмногу се израдува на тоа што Вардар остана без лиценца за настап во европските купови.
Сараевчани се израдуваа на одлуката на ФФМ, зашто со елиминацијата на Вардар од европските мечеви (втора година по ред), практично тие влегуваат во групата на носители за ждрепката во првото коло во квалификациите во Лигата на шампионите, што значи барем на хартија полесен противник и поголема шанса да се мине едно коло, а тоа би им донело безмалку 400 илјади евра плус на контото.
Загубата на Вардар е добивка за Силекс од најмалку 1 милион евра
Вардар поради огромните долгови од преку 2 милиони евра не ја плати и не ја доби лиценцата.”Црвено-црните” секако ќе играа квалификации за ЛШ ако ја добиеја лиценцата, без оглед на прекинот на сезоната. Иако најмалку половина од парите што се должат ќе ги вратеа само со излез во Европа, сепак ужасната работа на раководството на клубот сега го турна македонскиот великан кон бездната. Затоа, пак, од финансиските проблеми на Вардар најмногу ќе профитира Силекс, клубот од Кратово кој по 11 години ќе игра во ЛШ и ќе заработи најмалку 1 милион евра.
Силекс и да испадне во првото квалификациско коло на ЛШ, ќе игра уште еден меч во Европа лигата, за што кумулативно ќе добие најмалку 800.000 евра од УЕФА. Заедно со приходите од ТВ-правата, кратовчани ќе инкасираат речиси 1.000.000 евра од најмалку два меча. Клубот од Кратово ќе игра во Скопје, а можни противници Селтик, Лудогорец, Црвена Звезда…