Прва официјална посета во Мелбурн на амбасадорот Веле Трпевски

Минатава седмица амбасадорот на Македонија во Австралија, со седиште во Канбера, Веле Трпевски, ја оствари својата прва официјална посета на Мелбурн по покана на Викторискиот парламент.

Господин Трпевски веќе имаше пет посети на Мелбурн но тие беа од друг карактер, претежно за организирање на изборите, присуство на дерби средбата меѓу Престон Македонија и Алтона Маџик Вардар и слично, така што пошироката јавност во Викторија немаше можност да се сретне со него. Во средата амбасадорот ја посети добротворната асоцијација во западниот дел на Мелбурн (MCWA), а во исто време ја искористи приликата да им го предаде одликувањето на женската хуманитарна oрганизација “Надеж”. Претседателката на Надеж, Блага Петреска, која и самата работи во MCWA, го прими одликувањето и срдечно се заблагодари. Амбасадорот Трпевски имаше средба со пензионерите од западниот и северниот дел на Мелбурн. Во четвртокот во рецепцијата Гранд Нерет во Епинг, покрај запознавањето со приоритетите на македонските дипломатски претставништва во Австралија, присутните четириесетина гости имаа можност и лично да му постават прашања на амбасадорот Трпевски и на конзулката Бети Коруновска.

Дипломатите најавија дека ќе се организираат редовни состаноци и конзуларни средби. Притоа амбасадорот Трпевски апелираше сите оние што се уште не извадиле и не поседуваат македонски биометриски пасош дека може тоа да го направат преку мобилната станица. Се сугерираше да се пријавуваат браковите и децата што се раѓаат за да се запишуваат во матичната книга на родените, што ќе им овозможува во иднина и право на македонско државјанство.
Во петокот амбасадорот Веле Трпевски имаше официјална средба со претседателот на парламентот на Викторија, Брус Аткинсон, со што заврши неговата официјална посета на Викторија.

Останати вести