Велигденска порака на поглаварот на МПЦ-ОА г.г. Стефан

Поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, г.г. Стефан до сите верници од православна вероисповед упати велигденска порака по повод најголемиот празник Воскресение Христово – Велигден.

“Христовото воскресение е најголемиот и најрадосен настан во историјата. Тоа е Чудо над сите чуда, Дар над сите дарови и Благослов над сите благослови. Затоа, да се верува во Христа, значи да се верува во воскресението.
А силата на оние коишто веруваат, се надеваат и Го љубат Воскреснатиот Христос е во смирението, во целомудрието, во трпението, во послушанието, во страданието – во доблестите што го преобразуваат човека.

Возљубени празникољупци,
Во ова 2016-то лето Господово, нашата радост е поголема: одбележуваме 1100 години од блаженото упокојување на првоерархот на нашата древна Охридска столица, патронот на македонскиот народ и црква – свети Климент Охридски.
На овој најголем празник, на Велигден, да се помолиме, заедно со свети Климент и со сите македонски светии, и да испросиме од Господа сплотување и братска љубов меѓу нас.
Нема поблагословен ден од Велигден, па, од името на нашата света Македонската православна црква, повикуваме на единство и мир меѓу нашиот народ.
Христос воскресе!”, вели поглаварот на МПЦ-ОА г.г. Стефан во пораката по повод Велигден.
ХРИСТОС ВОСКРЕСНА, ПРАВОСЛАВНИТЕ ВЕРНИЦИ ВО РМ ГО ДОЧЕКАА ВЕЛИГДЕН
Со традиционалното кршење јајца на полноќ и со зборовите „Христос воскресна, навистина воскресна” илјадници православни верници во Македонија пред храмовите во градовите и во селата го дочекаа најголемиот празник во христијанството Велигден.
Најмасовно беше кај Соборниот храм во Скопје, каде со Воскресната литургија чиноначалствуваше поглаварот на Македонската православна црква, Неговото блаженство архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан.
Честитка до верниците упати и претседателот на државата, Ѓорге Иванов, кој повика на единство и чување на традиционалните вредности.
– Соживотот и религиското почитување придонесоа за зацврстувањето на меѓуверскиот дијалог во земјата. Наша должност и во иднина е да ја пренесеме пораката за вистината за верата која ја живееме, да ги чуваме и да ги почитуваме традиционалните вредности, да бидеме поцврсти и поединствени, јакнејќи ја солидарноста, праведноста и добрите меѓучовечки односи – порача претседателот Иванов.

Останати вести