Вељаноски: Дијаспората е најголем промотор на Македонија

Чувањето и негувањето на македонскиот јазик и културата, како и јазикот и културата на заедниците, државјанството и избирачкото право, организираност и поврзаност на иселениците од Македонија и нивната соработка со Агенцијата за иселеништво, како и остварување на пензиско право на иселениците, беа теми на дводневната петта по ред Годишна конференција на иселеничките организации во Скопје.

На конференцијата присуствуваа 115 претставници од 143 иселенички организации од четири континенти и 20 гости од организации на Македонците и заедниците во соседството. Тие претставуваат околу 250.000 иселеници од Македонија во странство, информираше Васил Наумов, директор на Агенцијата за иселеништво на Република Македонија.
Претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, кој ја отвори средбата, истакна дека грижата за македонската дијаспора претставува константа во определбите на Парламентот и Владата. Потсети дека сме на почетокот на вториот мандатен период во Собранието, каде седат тројца пратеници директно избрани од македонската дијаспора и иселеништво.
„Преку овие тројца пратеници, македонската дијаспора може да ги артикулира своите интереси, своите проблеми, но и видувањата на сето она што се случува во Република Македонија како нивна матична држава, истакна Вељаноски.
Овие две децении на самостојност токму македонската дијаспора била и ќе биде, потенцираше претседателот на Собранието, најголемиот промотор низ светот на македонскиот народ и на неговиот јазичен културен идентитет, а секако со тоа и на македонската држава.
„Ова уште позначајно и има ако сакате и непроценлива вредност бидејќи се уште не е затворено македонското прашање. За жал, и во 21 век овде околу нас има се уште сили кои сакаат да го избришат македонскиот национален идентитет, македонскиот јазик, култура, црква, а со тоа да го разнебитат и да го избришат македонскиот народ. Но, верувам дека сите го делите моето убедување дека токму сплотени, како ние овде, дома, така и низ светот, како и досега и оваа битка ќе ја извојуваме во корист на македонскиот народ и на сите граѓани на Република Македонија”, рече Вељаноски.

Останати вести