Вело Марковски: Заразените умираат од преагресивна медицина

Поранешниот професор по инфектологија на Медицинскиот факултет во Скопје, д-р Вело Марковски во емисијата “Заспиј ако можеш” на новинарот Горан Момировски се обиде да ја демистифицира паниката од ковид-19.

Тој тргна од фактот дека во поранешна Југославија инфектологијата била на многу високо ниво и затоа Македонија не смее да прифати по инерција доктрини за постапување од Франција, Германија или Италија. Со овој негов став деновиве се согласуваат сите инфектолози од поранешните републики кои настапуваат по медиумите.
– Коронавирусите се првпат откриени во 1965 година и толку се опасни што студентите по медицина доброволно се инфицираа за да видат каква ќе биде клинчката слика. Така е видено дека се во онаа група на вируси кои даваат настинки. Регистрирано е дека помеѓу 15 и 30% од сите настинки во зима се предизвикани од коронавирус, рече проф. д-р Марковски.
Вирус со исклучително ниска заразност
Понатаму овој врвен македонски инфектолог вели:
– За него знаеме дека има 4 подтипа, го има и кај животните, но во случајов уште не знаеме кој ни е изворот на зараза. Ама е јасно дека се пренесува од човек на човек, дека првите два дена од инфекцијата се најзаразни но дека вирусот има исклучително ниска контагиозност (заразност) – за разлика од морбилите, на пример, кои имаат 100% контагиозност. Коронавирусот не лебди во воздухот. Вирусите, општо, не можат да опстанат доколку не паразитираат клетка (било човечка, животинска или растителна). За овој вирус конкретно не се знае колкав му е полуживотот надвор од некој организам зашто научно не е проучен. Но секако не повеќе од неколку часа и тоа само во случај ако во тој искашлок (спутум) има клетки.
Но, за да настане болест потребна е инфективна доза, потребна е вирулентност на вирусот итн.
Имаме нереална бројка на заболени
Човештвото досега овој коронавирус два пати го “изненадува”: првиот пат во 2002/2003 со такаименуваниот SARS-Cov-1 (кој даваше акутен респираторен дистрес синдром) и сега со SARS-Cov-2 што го нарекуваат и Covid-19 бидејќи е пронајден во 2019 година. Треба да кажеме дека овие два се разликуваат од основниот коронавирус, бидејќи се појавија својства кои не збунуваат – по начинот на патогенеза и начинот на присуство. Меѓутоа, во сегашнава ситуација имаме нови два главни проблема – вели д-р Марковски и продолжува:
– Прво имаме нереална бројка на заболени.
Коронавирусот нема карактеристична клиничка слика. А оваа што се наведува е иста или слична со респираторниот синицијален вирус, со параинфлуенцата, со риновирусот, инфлуенца Ц, бактериска микоплазма, кламидија… Така што не можеме да правиме како што правиме во случаите со епидемија на грипот. Кај него е доволно да утврдиме негово присуство кај 100 случаи, иако може да се и 100 илјади заболени, ама тоа не не интересира зашто нам ни е битно само да дознаеме кој подтип односно која негова варијанта циркулира во таа сезона. Сега, пак, се зема брис и се утврдува присуство на ковид-19, ама како можеме да тврдиме дека токму тој ги предизвикува тегобите? Потребна ни е конфирмација со серолошки тест за да направиме разлика дали се работи за колонизација, случаен контакт на вирусот или инфекција. Инфекцијата се докажува само со серолошки тест ама тука имаме друг проблем – немаме валидни серолошки тестови за да докажеме ИГМ антитела и да потврдиме: “да, овој човек е болен од коронавирус”. Во мигов нема серолошки тестови со висока сензитивност и специфичност. Тие што ги има даваат висок процент на лажно позитивни или лажно негативни. До сега короната не била предизвик за науката и затоа не се произведени такви сензитивни тестови, објаснува д-р Марковски.
Пукаме со топови по комарец
– Исто така од многуте досега опишани случаи на лекување од ковид-19 имаме парадоксална ситуација – организмот не се борел. Немало имунолошки одговор на организмот на агресијата од вирусот. Зошто е тоа така? Дали можеби затоа што пациентите биле погрешно дијагностицирани и лечени?, прашува д-р Вело Марковски.
– Изненадува што во досегашните објавени случаи нема умрени од енцефалопатија, што е доказ дека организмот не се борел жестоко. Опишаните причини за смрт се три:
1. Појава на акутен респираторен дистрес синдром односно нагло откажување на белите дробови. Тоа знаеме дека се појавува поради срцеви причини (т.нар. едем на белите дробови) и било кое нагло откажување на белите дробови се става под тој сидром. А тој научно се следи од некаде 1970 година и податоците покажуваат дека од околу 140.000 регистрирани случаи годишно смртноста е околу половина или 70.000. Кога ќе кажеме дека е синдром тоа значи дека етиологијата (причината) е непозната. Но тука е важно да се спомне податокот дека тесно поврзано со појавата на овој синдром е ставањето под респираторна машина. Кај пациентите ставени повеќе од 4 саата на респиратор во 16 % се развива нагло откажување на белите дробови а половина од нив умираат.
2. Втора причина за смртност во Кина биле секундарните бактериски пневмонии. Тоа не е непознато: секоја вирусна инфекција го оштетува епителот на респираторните органи и во следниот период од месец-два некоја од бактериите (најчесто пневмокока, стафилокока или хемофилус инфлуенце) ни прават пневмонија а од неа се умира секаде во светот. Таа е 10-та причина за смртност кај младите во светот, а кај постарите од 65 години секој шести умира од пневмонија.
Нас не изненадува појавата на примарна вирусна пневмонија што е типично за многу вирулентни вируси, а овој не е таков. И сега имаме случаи каде што организмот не се бори а ни се појавува во висок процент примарна вирусна пневмонија. За среќа, иако овие пневмонии се билатерални, со многу жаришта, таквите пациенти претежно се во групата на полесни случаи и тие оздравуваат.
3. Трета причина за смртноста во Кина била сепса.
Со респираторите убиваме повеќе
Во кинеските студии, бидејќи засега се потпираме на нив, има други интересни податоци, продолжува д-р Марковски.
– Во една од нив биле опфатени 180 пациенти од кои половината починале. Забележале дека 54% од пациентите кои биле ставени на респираторна машина умреле, додека кај пациентите кои исто така биле критични, ама не биле ставени на машина за дишење, смртноста била 46%. Затоа сметам дека еден дел од умрените во Кина и Италија се должи на преагресивните методи во лечењето. За жал во интервентната медицина сега не се гледа пациентот туку неговите параметри и се тера по однапред зададени протколи. Сите ја гледавме снимката од интензивна нега во италијанската болница и таа го потврдува ова што го зборувам. Таму видовме луѓе ставени под скафандери со кислород а зборуваат или пишуваат на своите мобилни телефони. Значи прелесно се ставаат на респиратори. Машината за дишење е во ред кога се употребува при операции, при повреди на мозокот ама белите дробови се здрави. Сега гледаме спротивна ситуација: пациентот дише ама алвеолите не се здрави. Основната функција на белите дробови е размена на гасови и обезбедување кислород за крвта, ама има уште една многу важна функција а тоа е пуферската функција – за одржување на нормалните pH 7.36 во крвта. И сега, во случај кога имаме пациент со масивна билатерална пневмонија тој дише, ама кога ќе го ставите на респиратор тој нема повеќе да дише според потребите на организмот.
Еве уште една спредба: во Кина имаме серија од 60 пациенти со параметри по кои во Италија веднаш би биле ставени на респиратор. Тоа се: периферна сатурација со кислород од 93%, респирации повеќе од 25 во минута и тахикардија над 100-110. Во Кина само двајца од 60 со такви параметри ставиле на машина за дишење, заклучува проф. д-р Вело Марковски.

Останати вести