Верното куче македонска гордост и во Австралија

Изложба на Шарпланинци-  Донибрук 25 Октомври 2014

Во дворното место на Манастирот Св Прохор Пчински во Донибрук изминатиот викенд АМСЦ или Australian Macedonian Sharplaninec Club организираше изложба на шарпланинци во Австралија.

Богато, препознатливо крзно со нијанси на сиво кое ги мамеше посетителите да го посетат овој несекојдневен настан во Австралија. Македонскиот Шарпланинец  потекнува од Шар Планина. Верен, храбар, бестрашен, пожртвуван, заштитнички кон домаќините а посебно кон децата…

Australian Macedonian Sharplaninec Club постои две години и преку годината членовите на клубот редовно се среќаваат во просториите на манастирот во Донибрук, а еднаш годишно се собираат сите заедно со нивните кучиња на годишна изложба. Во Австралија има околу 50тина чистокрвни шарпланинци, од кои најмногу ги има во државата Викторија, а има уште и во НЈВ и Канбера. Оваа година на изложбата беа донесени тринаесет кучиња: Чочо, Дива, Елвис, Турунџев, Хина, Бистра, Шара, Боно, Дими, Хамфри и Дива и Цар.

Претседателот на Австралиско Македонскиот Шарпланинец клуб, Дејан Змејкоски, нагласува дека  Македонскиот Шарпланинец  се уште не е признат како посебна раса на кучиња во Австралија.  Австралиско македонскиот Шарпланинец Клуб се залага за признавање на Шарпланинецот во Австралија а со тоа и регистрирање на чистокрвните шарпланинци. Поради тоа постои и друштвото и ја организира оваа изложба.

Шарпланинците беа прекрасна  прилика за љубителите на фотогравството.  Послушно чекаа да бидат фотографирани, одвреме навреме поигруваа со шарпланинците до нив, сакајќи да го покажат својот пријателски карактер.

Пецо Макалоски има два шарпланинци  – Дива и Елвис кои посебно импресионираа со желбата да позираат. Едното има 4 ипол години а другото е овогодишно. Г-нот Макаловски вели: Кога би се одлучил за ново куче – пак би го одбрал шарпланинецот. Исто така и Г-ѓа Петровска потврдува: Јас би се одлучила за шарпланинец, тоа е наша македонска гордост.

Останати вести