Опозициската ВМРО-ДПМНЕ силно се спротивстави на експресното закажување на седницата за избор на Влада. Исто така смета дека нејзиниот состав воопшто не најавува ниту успешни политички реформи ниту пак економски напредок на државата.
Речиси цели 6 месеци по одржаните избори на 11 декември ланската година, Собранието на Република Македонија конечно на дневен ред го стави изборот на новата македонска Влада. Таа зад себе има тесно парламентарно мнозинство од 62 пратеника што го сочинуваат пратениците на Коалицијата на СДСМ, на ДУИ и на Коалицијата Алијанса за Албанците. Наспроти неа стои бројната опозиција на Коалиција на ВМРО-ДПМНЕ, која на изборите освои најмногу пратеници (51), Движењето БЕСА (5 пратеника) и ДПА (2 пратеника). Седницата за избор на Владата се одржа во вторникот и средата (гласањето беше кога овој број на ТД веќе беше во печат), и тоа само еден ден откако мандатарот Зоран Заев го утврди составот на својот владин Кабинет. Тоа што не се чекаше да минат законските 15 дена беше објаснето од негова страна со потребата да не се губи ниту ден повеќе и земјата конечно да тргне по патот на реформи и подобар живот.
– Новата влада има шанса да ги спроведе реформите, има капацитет, ќе биде сериозен сервис на граѓаните. Јас немам намера да бидам министер за се. Секој министер ќе ги сноси и своите успеси и своите неуспеси – нагласи Зоран Заев, кој станува седмиот премиер од осамостојувањето на Републиката.
Новата Влада брои вкупно 26 члена и е втора најголема по број, по онаа на Љубчо Георгиевски која броеше 27 члена.
Ова е нејзиниот состав:
Зоран Заев, премиер (СДСМ)
Кочо Анѓушев, вицепремиер за економски прашања (бизнисмен)
Хазби Лика, вицепремиер за спроведување на рамковен договор (ДУИ)
Бујар Османи, вицепремиер за евроинтеграции (ДУИ)
Радмила Шеќеринска, министер за одбрана (СДСМ)
Оливер Спасовски, министер за внатрешни работи (СДСМ)
Драган Тевдовски, министер за финансии (СДСМ)
Никола Димитров, министер за надворешни работи (независен)
Рената Десковска, министер за образование и наука (СДСМ)
Горан Сугарески, министер за транспорт и врски (СДСМ)
Љупчо Николовски, министер за земјоделство, шумарство и водостопанство (СДСМ)
Дамјан Манчевски, министер за информатичко општество и администрација (СДСМ)
Мила Царовска, министер за труд и социјална политика (СДСМ)
Роберт Алаѓозовски, министер за култура (СДСМ)
Крешник Бектеши, министер за економија (ДУИ)
Булент Салиху, министер за правда (ДУИ)
Садула Дураку, министер за екологија (ДУИ)
Арбен Таравари, министер за здравство (ДР-ДПА)
Сухејл Фазлиу, министер за локална самоуправа (НДП)
Министри без ресор:
Рамиз Мерко (ДУИ)
Едмонд Адеми (СДСМ)
Роберт Поповски (СДСМ)
Зоран Шапуриќ (ЛДП)
Зорица Апостоловска (НСДП)
Аднан Ќахил (ТХП)
Самка Ибраимовски (ПЦЕР)