Катица, Боки 13, Фатиме, Мицкоски и Заев – главни фаци на Вевчанскиот карневал

Преку стотина маски и илјадници гости од Македонија и од странство дојдоа на традиционалниот Вевчански карневал.

Гостите се огласија на прашањето: „Кеојш” и дојдоа во Вевчани да се направат василичари. Препознатливите извици и тапаните ечеа низ вевчанските улици. Дефилето започна на сретсело каде што можеа да се видат маски кои што ја исмеваа политичката сцена, општествените случувања и маски кои што го претставуваа секојдневниот живот.
Традиционално, во карневалската поворка главни се невестата, младоженецот и глупиот Август кој што има симболична задача да ја чува невестата од злото за време на карневалот.
Но највпечатливи беа маските во врска со случајот „Рекет”: специјалната обвинителка Катица Јанева, Боки 13-ка, Фатиме Фетаи, а вевчанската иновативност беше прикажана дури и во маска која што прикажуваше лабораторија за експерименти за нови видови на дрога.
Општината Вевчани како организатор, под покровителство на Министерството за култура, ги пречека илјадниците гости со полн капацитет на угостителските објекти и пансиони.
– Апелирав маскарите да се воздржат од ликови и креации со кои би навредиле нечии чувства од верска, национална, или етничка природа, изјави претходно градоначалникот на општина Вевчани, Сашо Јанкоски.
По дефилето, маските и гостите продолжија со обичаите, одеа по домовите на вевчанци каде што беа дарувани со пари.
Вевчанскиот карневал е еден од најпознатите на Балканот и се верува дека е стар 1.400 години. Во 1993 година Вевчани официјално стана дел од Светската федерација на карневалски градови.
На полноќ помеќу 13-ти и 14-ти јануари, со традиционален огномет и трубачи беше дочекана православната Нова година, односно се прослави обрезанието Христово и свети Василиј Велики.
Утрото, до пладне, маските традиционално беа запалени. Догодина ќе има нови.

Останати вести