Викториската полиција во саботата интервенирше со пепер спреј за да ги раздели насилните судири на антирасистичките демонстранти и десничарски националисти на улиците во Кобург, северно предградие на Мелбурн, кои се одвиваа во моментот додека прајминистерот Малколм Турнбол порачуваше дека елиминацијата на расизмот уште е “работа која трае”.
Фронтот на обединетите родољуби (UPF) го организираше собирот „Запрете ја екстремната левица” додека истовремено демонстрантите против расизмот маршираа под мотото „Мореланд му вели не на расизмот”. Мореланд инаку е општина на Мелбурн каде има голема концентрација на муслимани.
Стравувањата од тоа дека младите австралиски муслимани заминуваат во Ирак и во Сирија за да се борат на страната на екстремната сунитска организација Исламска држава, ја зајакнаа поддршката за десничарските групи и движења како UPF. Телевизиските снимки покажуваат како членови на UPF со австралиски знамиња се борат со левичарски милитанти од кои многумина имаат скриени лица со качулки и црвени шамии преку главата.
„Ја разбирам потребата и правото на протест.., но она што во нашата заедница не можеме да го толерираме е насилството”, изјави полициската началничка на Викторија, Шерон Коуден. Две лица поради носење оружје се уапсени пред да избијат судирите меѓу демонстрантите и покрај присутноста на голем број полицајци. Полицијата откако ги прекина судирите, приведе седум од демонстрантите.
